На детето му треба прегратка и воспитување, а не телефон

Ова интервју е преземено од порталот  fashionel.mk  и може да го погледнете тука

Неодамна прочитав една статија во која се вели дека е потребно да го познавате педијатарот на вашето дете уште пред тоа да се роди, за заедно да ги надминете сите стравови на млади родители кои сè уште не знаат што навистина ги чека. Доктор Марина Поп-Лазарова е повеќе од педијатар. Неа ќе сакате да ја зачувате и како пријател. Како шеф на педијатрија и неонаталогија во приватната болница Ре Медика, досега им има помогнато на огромен број родители да се соочат со сите предизвици што ги носи ова ново патување, а сосема на крајот, сè за доброто на нивните најмили.

Родителите сè повеќе ги користат електронските уреди како „бебиситерка“ во одредени моменти кога треба да завршат нешто. Колку истите му пречат на детето и како кога веќе се навикнати, да ги одвикнеме од таа навика, а да не е доцна?

Да, и тоа бесплатна „бебиситерка“. Прво погледнете ги родителите, колку често ги користат тие уреди. Јас би почнала од таму. Децата само го повторуваат она што го гледаат. Тие ве гледаат вас како родители, колку вие често сте фиксирани и не им посветувате внимание и тоа трае. Тогаш си викаат: Замислете, родителите си играат со нешто што е интересно, па нормално е и јас да сакам да видам што е тоа. Тоа е како кога ќе го седнете детето на маса и сака да проба од она што вие го јадете. Тоа е исто и со електронските уреди. Родителите мора да почнат од себе, да сфатат колку се зависни од тој уред и да сфатат колку тој им го краде нивното лично време. Ако се тоа социјални медиуми, многу е деликатно колку е тоа социјализирање добро. Многу е важно родителите прво да дадат соодветен пример. Не можете да му кажете дека ќе го санкционирате или дека ќе му лимитирате нешто, а вие самите го користите неограничено. Децата по природа се многу правдољубиви. Тие точно ве гледаат и ве анализираат во секој момент. Од изразот на лицето, од начинот како го правите тоа, од гестот, од емоциите, верувајте, тие се „сунѓери“. Тие ќе ве изненадат кога ќе ви вратат со нешто што вие не сте биле ни свесни дека сте го направиле или сте го кажале. Јас би почнала од родителите, не од децата, искрено. Апелирам до родителите, да поведат сметка сами за себе, да видат колку се зависни од тие уреди, колку се тие дел од нивниот живот, дали им помагаат или им одмагаат и колку е тоа соодветна супституција и после ќе сфатат  колку тие му требаат и на детето. На детето му треба прегратка, игра, насмевка, му треба внимание. Тоа уредот не го дава. На детето му треба воспитување, некој да му каже што е добро, а што не. Лимитирано користење на бејби сајтови, на музика, на стимулативни игри е дел од алатките што можат родителите да ги користат за да помогнат во развојот на детето, но стимулативно и креативно и секако, контролирано. Но, да почнеме од себе.

 

Pin It on Pinterest