Родителите мора да научат како да ги заштитат децата од прекумерна употреба на интернет

Модерното време и ерата на технологијата ја промовира и прекумерната употреба на интернетот како една од современите форми на зависност. Еднакво ги засегнува и мажите и жените, а особено е опасна и лесно се развива кај децата. Седењето пред компјутер или телефон станува доминантна животна активност, а резултира со изолација од останатите животни текови и остава негативни последици врз самата личност, но и нејзината околина. Резултатите од оваа модерна зависност се поразувачки на секое поле и се манифестираат преку лични, семејни, академски, финансиски и окупациони проблеми.

Брзиот напредок на технологиите кои допринесоа за дигитализација на секое поле во животот, ги мотивира децата сè порано да почнуваат да користат интернет. Родителите и возрасните, пак, често немаат доволно знаења и вештини да ги заштитат од можни злоупотреби. Заради тоа тие мораат да работат и на себе и да ги зајакнат своите знаења за начините на воспитување и за употребата на современи технологии, за да можат на децата да им обезбедат безбедно опкружување и да ги намалат ризиците кои со себе ги носи онлајн просторот.

Денес интернетот е присутен во сите општествени сфери, речиси секој човек најголем дел од работите ги врши онлајн. И возрасните и децата најголем дел од времето се опкружени со дигитална технологија, што самото по себе не наведува на заклучокот дека сите сме на некој начин зависни од содржините во интернет просторот.

Факт е дека со развојот на социјалните мрежи и новите начини на комуникација, тие станаа поголем фактор за социјализација отколку семејството. Голем процент од децата и младите многу време поминуваат на социјалните мрежи и генерално на интернет. Во развиените земји тоа веќе се препознава како зависност и се отвораат центри кои обучуваат кадри и кои ја лекуваат оваа зависност.

Кај нас, зависноста од интернет сè уште не се препознава лесно, а уште поретко се лекува. Во последните години на Клиниката за психијатрија се лекувале случаи на возрасни зависници од интернет коцкање и обложување и интернет пазарување. Според д-р Славица Арсова специјалист психијатар, појавата  на интернет зависници се движи помеѓу 0,3 и 38 отсто од населението во различни култури. Вели дека се смета дека околу 25 отсто од новите корисници се со висок ризик за појава на ова растројство, но сепак, меѓу населението во земјава не постои доволна едуцираност за препознавање на знаците.

Фото: Проф. др. Славица Арсова – Универзитетска клиника за психијатрија

„Постојат повеќе видови на интернет зависност како играње игри,  коцкање, користење на социјалните мрежи (facebook, tweeter, linkedin, instagram…), порнографија, шопинг, обложување и лицитирање, пребарување и др. Со исклучок на интернет коцкањето, интернет зависноста не е вклучена во Класификацијата на психијатриски растројства, но постои укажување за потребата од дополнителни истражувања со цел вклучување на оваа појава како психијатриско растројство“, посочува Арсова. Таа советува дека сите, пред сè возрасните, но и децата, треба многу подетално да се информираат за симптомите на интернет зависноста, за да можат што полесно да ја препознаат и да побараат стручна помош.

На децата не смее да им се забранува интернетот, бидејќи на тој начин само ќе им се зголеми љубопитноста и интересот за него, но мора прецизно да им се објаснат сите ризици врзани со него, советува и Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми. Тој вели дека децата треба да знаат за опасностите кои со себе ги носи интернет просторот, но истовремено да не им се забранува користењето. Само на тој начин ќе се поттикне негова правилна употреба и ќе може да се исползуваат позитивните аспекти.

„Важно е како и на кој начин децата ќе го користат интернет просторот, а не само колку време ќе поминат на интернет. Оттаму, првенствено родителите, а потоа и заедно со чинителите во воспитно-образовниот процес, треба да бидат едуцирани и да водат сметка за квалитативниот аспект на користењето на интернетот и дигиталните медиуми. Исто така, нивна главна задача треба да биде на децата и младите да им ги објаснат предностите и недостатоците од користењето на интернетот, но и да дефинираат правила на однесување во онлајн просторот во смисла што може децата да објавуваат, какви содржини и фотографии, колку време ќе поминуваат дневно онлајн, кои страници е корисно да ги посетуваат и за кои цели, кои игри или апликации да ги симнуваат на својот мобилен телефон и како да им биде интересно поминато времето на нив, како и да ги дефинираат последиците од прекршување на правилата. Потсетувам дека последиците, како и правилата, треба да бидат однапред дефинирани и исти за сите. И за возрасните, како и за децата“, вели Кордалов.

Фото: Бојан Кордалов – Експерт за нови медиуми

Посочува дека доколку возрасните целосно ги контролираат и забранат, наместо да ги научат како безбедно да ги користат медиумите и како да ги препознаат опасностите, тие никогаш нема да бидат сигурни дали децата самите ќе знаат како да изреагираат во случај на интернет опасност кога не се во присуство на возрасни.

„Доколку целосно ги забраниме ние им испраќаме порака на децата дека интернет просторот е опасно место и дека без нас тие не може да се справат со реалните опасности, што пак од друга страна ја намалува нивната самодоверба и сигурност. Децата постојано бараат одговори, што е нормално, бидејќи ги осознаваат процесите и начинот на кој светот функционира. Тука интернетот игра многу важна улога, но отвора и многу дилеми. Ако ние не сме подготвени, одбиваме или не ги знаеме одговорите кои на овие теми ни ги поставуваат децата на мала возраст, тогаш тие ќе продолжат да го бараат одговорот. Дали ќе го најдат на вистинско место или од вистинска личност, тоа е клучното прашање кое е од огромна важност. Затоа, да разговараме, да се едуцираме како родители и воопшто како возрасни за дигиталната писменост и да го реформираме образованието со континуираните промени и новини кои се случуваат во оваа сфера“, вели Кордалов.

Семејството е прва основна клетка на социјализација која мора тоа и да остане, а не да се заменува со виртуелниот свет и неговите нереални правила, вели социологот проф. д-р Татјана Стојаноска- Иванова. Таа смета дека на сè мора да се гледа со доза на резерва и со доза на умереност, вклучително и на користењето на интернетот. Препорачува дека на децата не треба да им се забранува да седат на интернет и да играат некоја игра по половина час во денот или два часа да гледаат некоја содржина. Но, родителите не смеат во никој случај да ги остават подолго од еден час на социјалните мрежи. Стојаноска- Иванова нагласува дека дури и во ограниченото време поминато на интернет, родителите мораат да контролираат каква содржина гледа детето, дали таа евентуално може да предизвика агресија или насилство или пак да го доведе во опасност да западне во педофилска мрежа. Таа предупредува дека, гледано од социолошки аспект, постојат многу последици од претераното користење на интернетот.

„Првенствено, децата се навикнуваат да живеат во нереален свет, бидејќи во реалноста има поинакви можности, игра, учење на правила, снаоѓање, бирање лидери, менување на правилата и околностите, градење вредности… На интернет, пак, се живее во имагинација и фантазија, во која се креираат и лажни ликови за претставување. Честопати, особено кога станува збор за деца, кои се со сè уште неразвиен карактер и систем на вредности, може да се загубат во тој свет и да не можат да се вратат и да ја препознаат реалноста. Лажните профили се она што тие би сакале да бидат, во контекст на физичкиот изглед, на материјалната состојба или во други аспекти, а соочувањето со реалноста може да им предизвика огромни фрустрации и разочарување. Се случува, доколку детето остане без телефонот или компјутерот несоодветно да реагира, да биде нервозно, па дури и да чувствува физичка болка“, вели Стојаноска- Иванова.

Фото: Проф. др. Татјана Стојановска  Иванова – Институт за социологија

Процесот на оттуѓување на детето од семејството, од пријателите и севкупната реалност околку него, е еден од најзастрашувачките аспекти на зависноста од интернет, смета таа. Интеграцијата и интеракцијата со другите луѓе и сè она што значи реален живот се заменува со лажни вредности и норми, кои не соодветствуваат со општо посакуваното, доброто и правилното. Уште една загрижувачка социолошка димензија на претераното користење интернет и популарните игри е почестата појава на агресија и насилство кај младите. Децата создаваат погрешни модели на идентификација и имитација во имагинарните ликови или личности на социјалните мрежи, кои немаат никаква општествена вредност.

„Сите овие факти ни говорат за негативното влијание на интернетот врз младите. Но, од друга страна дигиталната ера ни нуди и многу предности, како преносот на брзата информација, новитетите и друго, што значи дека интернетот не треба да се избегнува, туку да се користи умерено и правилно“, заклучува Стојаноска- Иванова.

Според Тина Васков, клинички невропсихолог од Центарот за невропсихологијa, психотерапија и психологија „Когниција“, зависноста од интернет кај децата се манифестира како упорна опсесивна желба да се поминува што повеќе време на интернет. Детето ги занемарува вообичаените активности како што се дружење, учење, работни или домашни активности и има тешкотии да ги прекине интернет активностите дури и кога самото ќе препознае дека е време за тоа. „Зависноста од интернет се манифестира во повеќе форми, а знаците за интернет зависност се:

  • Преокупација со интернет
  • Користење на интернет во зголемена мера со цел да се постигне задоволство
  • Повторливи и неуспешни обиди за контролирано користење на интернет
  • Чувство на тага или иритираност при обид да се намали користењето на интернет
  • Поминување време онлајн подолго од потребното и предвиденото
  • Нарушена интерперсонална комуникација, загрозување на работните задачи, попуштање во образовните постигнувања
  • Лажење на околината (родителите) со цел да се прикрие користењето на интернет
  • Користењето на интернет е начин да се избегнат проблемите, одговорностите и/или да се промени расположението

Фото: Тина Васков – клинички невропсихолог во Когниција

Многумина од нив, посочува Васков, дури и формираат виртуелни личности или профили и се претставуваат како луѓе различни од тоа што се во реалното живеење. Меѓу последиците може да се појават и зачестени депресивни епизоди и анксиозност, како и мноштво други медицински проблеми како: сarpal тunnel синдром, синдром на суви очи, болки во грбот, главоболки, нередовна исхрана, неуспешно одржување на лична хигиена, проблеми со спиењето и слично. Васков вели дека третманот на интернет зависноста е пред се психотераписки, со цел да се влијае на должината на времето кое се поминува онлајн, но се интервенира и доколку се појавиле евентуални психолошки проблеми или симптоми на анксиозност или депресија.

 

Оваа истражувачка сторија е поддржана преку проектот “Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести”, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, со финансиска поддршка од Европската Унија.

Содржината на сторијата се единствена одговорност на авторот и на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН Скопје, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Сторијата е подготвена од страна на Сања Наумовска.

                   

Pin It on Pinterest