Отворен нов спортско-рекреативен центар во Карпош 3

На површина од 11.000 квадратни метри, граѓаните на општина Карпош, поточно од населбата Карпош 3, добија нов спортско-рекреативен центар во училишниот двор на ООУ „Лазо Трповски“. Овој простор повеќе години изгледаше запуштено и неуредено иако е дел од урбаното јадро на општината.
Овој центар вчера беше отворен со голема маалска дружба. Негова цел е да понуди содржини за повеќе генерации граѓани.

Содржинскиот дел на спортскиот центар го исполнуваат терените за кошарка, фудбал, ракомет, сервис, фитнес-зона, детско игралиште, како и новозасадени дрвја, тревна површина, систем за наводнување, ЛЕД-светилки, клупи и канти за отпадоци.

Преку вчерашната маалска средба и дружење најнепосредно се покажа како може и како треба да се користат овие јавни површини. Младите спортуваа, децата, барем за момент, се вратија во училишните дворови и правеа џагор, а повозрасните уживаа во македонските евергрини и мелодии за Карпош и Скопје.

Во изјавата за медиумите градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, посочи дека заштитата на јавниот простор е еден од приоритетите на локалната самоуправа. Си поставивме цел трајно да ги разубавиме површините меѓу зградите, со цел да се надомести штетата од агресивната и непланска урбанизација.

„Среќен сум што вечерва гледам дека оваа зона ја користат сите генерации граѓани: младите, средовечните, највозрасните. Меѓугенерациската дружба е значаен сегмент од животот на секој човек, а во време на светска пандемија и намалени контакти овој тип на зони во голема мера помагаат за социјализација на карпошани и одржување на позитивниот дух“, рече Богоев.

Во рамките на настанот фитнес-час одржаа и тренерите од спортското здружение „Такт“. Ученици, пак, на поставените штафелаи го изразуваа својот талент за цртање, а имаше и изложба на цртежи на тема „Зелен Карпош“.

Pin It on Pinterest