Живееме во свет во кој се губи воспоставувањето на правила и правилен раст и развој кај детето

Живееме во свет, кои полека на несвесен или свесен начин, ги губи особините на игра, воспоставувањето на правила и правилен раст и развој кај детето. Со самиот развој на технологијата, настанаа големи промени во 21век. Технологијата секако има добра страна само ако правилно и умешно се искористува, но денес гледаме поинаква слика за начинот на кој технологијата се користи. Уште од првите денови кога плодот настанува, тоа преку папочната врвка комуницира со мајката. Со тек на неговиот развој чувствува различни движења, различни чувства на мајката дури научниците докажуваат како плодот реагира на чувствата на мајката. Тоа се вика симбиоза или поврзаност. Всушност, ние сме такви организми кои сме приврзани едни од други и учиме едни од други. Човекот е таков организам што се привикнува и се адаптира на она што му се нуди.

Но, за жал реалната слика која денес се почесто ја гледаме е неправилното користење на технологијата и презаштитнички пристап од страна на родителите кон децата. Зошто би зборувала на оваа тема иако е се почеста. Јас ќе се насочам на моториката и нејзиниот развој и зошто ни се важни тие движењата. Фините моторни движења кои ги овозможуваат малите групи на мускули помагаат при манипулација со предмети ( ситни, крупни). Во принцип изгледа едноставно, но и тоа како е потребно. Детето го открива светот токму преку рацете. Прво ги допира предметите, ги истражува, ги става во уста ( ова е нормална појава ), па ги фрла. Тоа манипулира со рацете. Како што се развиваат движењата, така се развива и мозокот, посебно говорот. Говорот е во тесна врска со движењата, зошто нели прво настанува гестикуларен говор, детето покажува со прст тоа што го сака, а потоа е вербалниот говор. Како што се развива моториката, така и се развива и говорот. Во самите прсти имаме 14% на синапси, а синапсите се пренесувачи на информации од влакното на една нервна клетка до друга нервна клетка. Тие јас сликовито ќе ги преставам како еден код кој останува мемориран во долготрајната меморија.

Елеонора Наумовска – Специјален едукатор и рехабилитатор

Врвни експерти од областа на неврологијата стигнале до информација  дека интелектуалните способности зависат бројот и развивањето на синапсите. Како едно дете ќе ги развива овие елементи, ако цело време е пред екран и единствено функција имаат палецот, показалецот и средниот прст? И тоа минимална функција, само го држи паметниот телефон? Не, нема да се развива за жал. Тука ќе го надополнам и презаштитничкиот пристап на родителите, кога детето не смее да се валка и ништо да не фаќа со рачињата. Децата треба да се валкаат. Преку самото тоа што истражува, нивните мозочиња почнуваат да се развиваат. Односно, мозокот не стагнира. Како од едно дете да очекуваме да држи правилно прибор за храна, а потоа молив, кога фазата на пинцета- фат ( палец, показалец, среден прст се појавува во 8 месец кај бебето) не е развиена? Детето практично ќе има проблем со фината и со крупната моторика. Затоа што во овие движења се вклучени голем број на мускули. Тоа дете понатаму како ќе почне да откопчува и закопчува патенти и копчиња? Нема да може, ќе му биде тешко, а може и да доведете до проблем на некои мускули. Со тек на време, ако овие вештини не се усовршат, како тоа дете ќе може да се облечи и соблечи, а потоа да пишува? Создаваме нереализирана генерација, не би кажала неспособна бидејќи со способности се раѓаме  но  поради нашите грешки тие не се развиваат. Сите имаме способности. Не можеме да кажеме дека детето не знае да јаде само, ако тоа никогаш не пробало да јаде само. И го категоризираме како неспособно. Не, пак ќе наспоменам тоа е нереализирано. Да земеме хипотетички еден пример? Имаме дете на 1 година ( на 12 месеци според науката треба да го каже првиот збор со значење), тоа дете е пред екран цело време, не слуша никакви звуци, не го слуша гласот на блиските, не истражува. Кој ќе е резултатот? Прво говорот нема да се развива. Г-дин Ранко Рајовиќ невролог, кажува дека за правилен развој на говор треба барем 10 часа во денот да му зборувате на дете. Потоа, каде е имагинацијата и фантазијата на тоа дете? Каде е играта? Во ваков случај, ние немаме развој на мозокот. Тоа може да доведе до оштетување на некои центри или неразвивање на истите, па настанува проблем. Се почесто имаме деца кои наликуваат како да се дел од спектарот на аутизмот, само поради тоа што детето не видело, не почувствувало ништо, освен што било пред екран. Да не навлегуваат во оштетувањето на очите. Тој е попратен елемент во прекувременото користење на технологија.

                Како родители, сакате вашите деца кога сте на кафе или излезени со пријателите, да се мирни и послушни. Да, треба да воспоставувате контрола над нив, но како преку телефон или со вашиот презаштитнички пристап. Тоа треба да се развива, тоа треба да истражува. Технологијата ја изгуби играта кај децата. Преку играта се зголемува вашата врска првично дете-родител, детето учи нови поими, учи нови концепти, учи правила во социјалната средина, учи ред и дисциплина. Како тоа дете ќе мисли? Како ќе се развива мисловниот процес, кога тоа дете е отцепено од реалниот свет? Самата игра има големо значење во развојот на децата и тоа опфаќа повеќе полиња како социо-емоционалниот, когнитивниот развој и физичкиот. Како дете ќе научи што е емпатија, ако цело време го штитите  од се и цело време е на екран? Нема како. Тука не постои начин, освен само да стагнира. Но, исто така тоа не значи дека ако вие сте цело време пред екран, а детето не е, дека правилно ќе се развива. Децата се сунѓери, гледаат од нас и учат од нас и бараат интеракција. Тоа е процес на воспитување. Родителството е стекната вештина, не е вродена. Ние имаме само еволуциска потреба да имаме потомок, другото се учи.  Да не создаваме нереализирана генерација, само поради тоа што детето на тој начин е мирно. Детето може да е и на друг начин мирно и смирено, ако го научите така. Тргнете ги паметните телефони, телевизорите, лап топите. Нека детето се развива правилно. Нека биде самостојно и нека има простор за учење преку обиди и грешки.

Пишува: Елеонора Наумовска – Специјален едукатор и рехабилитатор

Pin It on Pinterest