Технологијата не го предизвикува, но го компликува аутизмот кај децата

Технологиите не се причина за настанување на аутизмот, но нивната прекумерна употреба може многу да ја компликува состојбата на лицата, а особено на децата со аутизам. Состојбата, која и денес е во голем дел мистерија, како за стручните лица, така и за семејствата кои имаат деца со аутизам, се сретнува како во западниот и развиен свет, така и во неразвиените земји. Од тука, заклучуваат терапевтите, не може лесно да се поврзе модерниот начин на живеење, во кој технологијата и различните гаџети се присутни во секој аспект од живеењето, со појавата на состојбата кај децата. Факт е дека постојат деца со аутизам и во животни средини во кои технологијата ниту од далеку не е толку модерна, ниту пак присутна во нивниот живот.

Сепак, јасно е дека прекумерната употреба на телефони, таблети, телевизија и слични модерни „играчки“, има големо и лошо влијание особено на децата со аутизам. Не само за нив, туку и за секое дете во развој, се препорачува што помала изложеност на екранот, а што поголема интеракција со живиот свет. Технологијата, советуваат стручните лица, треба да се користи, но во ограничени временски интервали, под надзор и само за учење нови работи.

Науката и стручњаците и денеска, всушност, не знаат зошто настанува аутизмот, вели д-р Стеван Несторов, експерт за образование на ученици со пречки во развојот. Не постојат научно докажани причини, а она што е познато дека проблемот е мултисекторски.

Д-р Стеван Несторов

„Аутизмот настанува заради влијанија од средината и од генетски причини. Примената на технологии не е причина за настанување на аутизам, бидејќи сметаме дека децата се раѓаат со примарен аутизам. Сепак, користњето на технологии во раната детска возраст, а и подоцна, во голема мерка ја компликува состојбата. Доколку влијанието на телефоните, таблетите или компјутерите го победи родителското влијание кај децата, тогаш потешко се развива говорот, усвојувањето на техниките на учење и другите животни вештини“, посочува Несторов.

Влијанието на технологиите, генерално не е проблем само за децата со аутизам. Прекумерното користње на телефони, таблети или компјутери е штетно за секое дете во развој. Кај децата со типичен развој технологиите може да предизвикаат пореметување на вниманието, потешкотии со учењето, читањето, пишувањето или проблеми со однесувањето. Тоа во суштина е многу покомпликувано, отколку кога детето има попречености во развојот. Сепак, кај сите деца, па и кај оние кај кои аутизмот е веќе потврден, треба да се користи технологијата, во насока на учење на комуникацијата и усвојување на знаења.

„Кај децата со аутизам, технологијата може да се искористи да му се привлече вниманието на содржини кои се наменети за учење. На пример, децата и родителите може заедно да гледаат цртани филмови и да ја коментираат содржината во насока на учење на форми, бои, однесувања и слично и на тој начин да се поттикнува и комуникацијата со родителите. Но, препорачуваме, на децата со аутизам 99 отсто од времето да им е исклучен телевизорот или телефонот, а денот да им биде исполнет со различни занимации. Бидејќи тие и онака се сензорно престимулирани, па состојбата не мора да се компликува дополнително“, вели Несторов.

Аутизмот како појава нема докази дека е иницирана од модерните технологии. Стручњаците се согласуваат дека вистинските причини за појавата на аутизмот се засега само препоставки и индиции, а не докажани факти. Фактори на ризик се генетиката, потоа некои фактори во опкружувањето и животната средина како загадувањето, или пак староста на родителите, употреба на алкохол во бременоста, но не и технологијата.

Д-р Ненад Глумбиќ, дефектолог и професор на Факултетот за специјална едукација и рехабилитација во Белград, вели дека зголемениот број на деца со аутизам не се должи на појавата на технологијата и масовната примена во нашето секојдневие, бидејќи науката и праксата бележат постојан пораст на деца со аутизам и пред зенитот на технолошката револуција. Фактот дека аутизмот е распространет и во различни општествени слоеви и групи во различни региони во светот го потврдува тоа.

„Одамна се зборува дека аутизмот е болест на западната цивилизација, но има и многу аутистични деца во средини кои за нас се егзотични и во општества кои се социјално депривирани и немаат многу можности за контакт со модерните технологии. Она што е специфично и навистина проблем е фактот дека претераната употреба на технологиите го замаглува начинот на кој размислуваме. Во некои ситуации, кога децата се сосема мали, не сме сигурни дали проблемите или отсуството на говор и проблемите со комуникацијата се дел од некое пошироко невроразвојно пореметување како аутизмот или е дело на технолошката поврзност, која навистина претставува проблем, но, не е вид на аутистичен тип. Бидејќи во поново време факт е дека навистина сретнуваме многу деца, практично бебиња, кои веќе знаат да ракуваат паметни телефони“, вели проф. д-р Глумбиќ.

Проф. д-р Ненад Глумбиќ

Модерните техниологии обезбедуваат еднонасочна комуникација, без можност некоја возрасна личност да објасни за што се работи. Тоа не е здраво за децата, особено за вниманието, бидејќи децата не обраќаат внимание на аудитивните, туку само на визуелните стимулации. А и тоа што го гледаат не го разбираат сосем, па тоа навистина е еден специфичен проблем, но кој, сепак, се случува настрана од аутизмот. Терапевтите дефинирале и појава која се вика nomob (номоб) фобија, која предизвикува паника доколку мобилниот телефон не е со вас. Од неа страдаат голем број од адолсцентите, кои покажуваат и низа на симптоми на зависност, како слушање непостоечки ѕвонења, постојано проверување пораки, вознемиреност доколку го заборават телефонот… Д-р Глумбиќ вели дека младите, кои не го помнат светот пред модерните технологии и интернетот не можат да замислат како тој функционирал некогаш. Од друга страна повозрасните, кои ги нарекува дигитални мигранти, во модерниот, технолошки свет се влезени подоцна во својот живот. Овие две генерации се потполно различни, пред се во начинот на размислување. Мигрантите, го зборуваат технолошкиот дигитален јазик, но се чувствува нивниот акцент, бидејќи и понатаму повеќе и веруваат на хартијата отколку на компјутерските програми и тие, на пример, преферираат да прочираат печатена, отколку дигитална книга. Адолесцентите, пак, го намалуваат количеството на сон или на дружење за да го користат телефонот и да бидат на интернет. Тоа е облик на адиктивно однесување, но сето тоа се случува настрана од аутизмот.

„Ако детето има аутизам ние советуваме доколку предолго поминувало време пред телевизор или други паметни уреди, во еден период родителите сосема да ги укинат и да се фокусираат само на меѓусебна интеракција. Но, технологијата нема само негативни влијанија. Постојат современи технолошки сретства кои се користат во третманите за децата со аутизам. Тоа се едукативни видео игри, истражувања на виртуелната реалност кои се користат за учење на некои животни вештини или за десензитизација, кога се подготвуваат за некои медицински интервенции. Значи, технологијата има и позитивни влијанија и е добродојдена, но само доколку се користи контролирано и под стручен надзор“, објаснува проф Глумбиќ.

 

Пишува: Сања Наумовска

Оваа истражувачка сторија е поддржана преку проектот “Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести”, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, со финансиска поддршка од Европската Унија.

Содржината на сторијата се единствена одговорност на авторот и на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН Скопје, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

………………………………………………………………………………

 

Pin It on Pinterest