Модерните деца по осум часа дневно се „дружат“ со технологија, наместо да играат и да се развиваат
Технологијата има огромно влијание врз животот на современиот човек и нуди безброј придобивки без кои денешниот стил на живот би бил незамислив. Технологијата длабоко го промени секојдневието, врзувајќи го човекот до електронските алатки преку кои има допир до интернетот и океанот можности и информации кои се нудат во овој простор. Сепак, тоа остава и негативни последици врз сите сегменти од општеството, а посебно врз најмладите членови, децата.
Денеска, деца од четири или пет години, спретно ракуваат со телефони и таблети, играат видео игри и пребаруваат различни содржини кои воопшто не ги разбираат. Ефектите на технологијата врз нивното физичко и психичко здравје, врз нивното однесување, способноста да учат, како и да градат, развиваат и одржуваат лични и семејни односи може да е разорно. Тоа става допопнителен товар и обврска врз општеството, особено родителите, наставниците и терапевтите да бидат едуцирани и свесни за да можат да ги согледаат опасностите и да ги заштитат децата. Игрите на компјутер, за разлика од игрите на улица како што се плочка, народна, џамија, ластик и слични не ја развиваат моториката кај децата, рамнотежата, движењата, не го развиваат вниманието, мислењето, концентрацијата…. Седењето на таблет не создава пријателства, чувство на припадност, туку напротив, оттуѓува. Заради тоа и обврска е на целото општество технологијата да ја користи само за добро и да изнајде начини ефикасно да ги заштити децата од нејзините лоши страни.
Прдобивките од технологијата, пак, доколку гледаме од аспект на лицата со инвалидност и децата со посебни образовни потреби во кои влегуваат и децата со дислексија, е многу потребна, дури и незаменлива за нивно самостојно и нормално функционирање. Примерите на деца со церебрална парализа кои не се во состојба самостојно да пишуваат, а користат адаптирана тастатура, тракбол, адаптиран џојстик и слично, или примерите на лица со квадриплегија, кои користат телескопска орална ортоза или автоматски листач на страни или слепите деца кои користат гласовен читач на книги – text to speech, па се до децата со аутизам и нивните говорни табли, се светлите примери на влијанието на технологијата во нашиот живот.
Но, од друга страна, од аспект на нормалниот психомоторен развој и користењето на технологијата за разонода и исполнување на слободното време, тогаш мора да се потенцираат многуте негативни последици кои настануваат. Според светски истражувања, децата просечно поминуваат околу осум часа во текот на денот во непосреден контакт со технологијата, дури 65 отсто имаат телевизори во своите детски соби или во собите каде што спијат, над 40 отсто од децата на возраст од пет до 14 години повеќе од десет часа неделно поминуваат гледајќи телевизија. Во Австралија е направена студија во која е утврдено дека деца на возраст од пет до 15 години не треба да поминуваат повеќе од два часа во текот на денот пред монитор, а за деца под две години воопшто и не се препорачува.
Зошто се важни овие напомени?
Во светски рамки 15 отсто од децата се со забавен психомоторен развој, 20 отсто деца се со прекумерна телесна тежина, а 14 отсто се дијагностицирани со психијатриски растројства. Во постојана експанзија е и бројот на деца со аутистичен спектар на нарушување, како и деца кои покажуваат елементи на такво однесување.
За разлика од пред 15 или 20 години кога децата поголемиот дел од времето го поминуваа надвор вклучувајќи се во најразлични активности, денешните деца, поточно денешните семејства се драстично различни, со многу поинаква поставеност и конципираност, вели проф. д-р Оливера Рашиќ-Цаневска од Институтот за специјална едукација и рехабилитација на Филозофски факултет.

Целокупниот био-психо-социјален развој на детето, се одвива низ игра, која е главен медиум каде детето се чувствува слободно да се изрази, да истражува, да се развива, а мислиме на вистинската детска игра, онаа за која зборуваме кога мислиме на нашето детство, време кога компјутерите беа реткост, а смарт телефони и таблети воопшто и немаше. Според Рашиќ-Цаневска, трите основни клучни точки за нормален психофизички, т.е. психомоторен развој на едно дете се движењето, допирот и поврзувањето со други луѓе, кои се всушност основен сензорен инпут (стимул) кој го поттикнува и насочува развојот.
„На малите деца им се потребни од три до пет часа активна, движечка, истражувачка природна детска игра за да постигнат адекватна сензорна стимулација на вестибуларниот, проприоцептивниот и тактилниот систем, се со цел да овозможат нормален развој. Активната игра е значајна за нормален физички развој на децата, почнувајќи од манипулација со предмети и развој на око-рака координација, па се до криенка, игри на ластик, игри со топка, за развој на посложени моторните способнсти и вештини вклучувајќи движења на главата, трупот и екстремитетите при седење, лазење, стоење, трчање, качување, скокање, фрлање, шутирање и фаќање, како и развој на способност за планирање и визуелизација. Овој вид на игра може да биде и груба и превртлива, насочена кон развој на сила, спретност и координација. Од друга страна пак периодот од раѓање до седмиот месец, па и до крајот на првата година, е најважен период за развој на здрава и цврста врска родител-дете, која како ќе се формира на друг начин ако не преку многу директен контакт очи во очи, игра, имитација, гушкање“, вели Рашиќ-Цаневска
Кога овие три елементи се депривирани, тогаш неминовно доаѓа до дисхрамоничен развој и голем број на проблеми: хиперактивно однесување, зголемена нервоза, нарушена координација и ориентација, однесување со елементи на аутистичен спектар, анксиозност, депресија, нарушен сон, несоодветен моторен развој. Родителите многу грешат мислејќи дека играта надвор или темпераментноста на детето се несигурни и ризични. Сакајќи да го заштитат детето од повреди, да не настине, да не се извалка, тие, токму напротив, му прават лоша услуга, оставајќи го постојано пред телевизор, телефон, таблет и слично.

„Прекумерната употреба на технологијата доведува до намалена координација на движењата што води до неспретност, често паѓање, судирање во предметите од околината, неможност за совладување на посложени моторни вештини како возење велосипед, намалена мускулна сила особено на рамениот појас и подлактица, намалена манипулативна способност и фина моторика. Децата седејќи пред телевизор или со телефон ја губат навиката за читање на книги, боење, пишување, рачни изработки и слично со што значително ослабува графомоторната способност кај детето, се намалува имагинацијата и апстрактното мислење“, посочува Рашиќ-Цаневска.
Секојдневното и долго седење пред телевизор, компјутер или со некаков електронски уред во раце, долгорочно му наштетува на оптималниот моторен и физички развој и придонесува кон развивање на генерации кои водат седентарен животен стил и немаат навика, ниту внатрешна мотивација да бидат физички активни, вели професорката на Институтот по психологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје, Ана Фрицханд.

Тоа, пак, неизбежно го засега развојот на мозокот на детето, во чиј што правилен развој значајна улога имаат скокањето, вртењето, превртувањето, трчањето, качувањето и слично. Во контекст на говорот, долгата и честа изложеност на електронските уреди негативно влијае врз неговиот развој, поради тоа што детето не го практикува експресивниот, активниот говор, туку може со часови да седи молчејќи, насочено кон содржината што ја гледа и слуша.
„Долготрајната употреба на електронските уреди може потенцијално да доведе напрегање на очите, главоболка, заматен вид, па дури и двоен вид. Воедно, електронските уреди чија функција е аудио забава обично можат да генерираат штетни нивоа на звук, што долгорочно може биде причина за трајно оштетување на слухот“, вели Фрицханд.
Искуствата од практиката покажуваат дека децата кои минуваат повеќе време во гледање телевизија и играње видеоигри, најчесто повеќе го развиваат визуелниот стил на учење. Оттука, употребата на електронските уреди како што се паметните телефони и таблетите заедно со одредени едукативни апликации наменети за различни возрасти, според Фрицханд, до извесен степен можат да бидат корисни за учење на буквите, боите, големините и формите (за малите деца), за совладување на математичките операции, странските јазици, вежбање на некои видови интелигенција и слично.
„Интернетот е виртуелен простор каде можат да се добијат голем број корисни информации, доколку разумно се користи. Современите трендови покажуваат дека новите генерации сѐ порано и сѐ побргу учат како компетентно да манипулираат со далечински управувач, паметен телефон, таблет, плејстејшн и слично. Присутноста на електронските уреди, денес, е толку голема што е речиси вткаена во секојдневното функционирање на луѓето. Оттука, за многумина станува незамисливо да поминат 24 часа без активно користење на некој од овие уреди. Но, токму поради нивното пречесто користење главна тема во најновите дискусии за зачувување и одржување на менталното здравје на децата и младите, е како да се намали прекумерната изложеност на електронските уреди и медиуми посебно во раната возраст. Во таа насока, познато е дека повеќето деца на возраст меѓу три и четири години, посебно кога гледаат телевизија, се збркани кога треба да направат разлика меѓу реалното и појавното, затоа што на возраст под седум години тие веруваат дека тоа што го гледаат на екраните е вистина. Оттука, неретко се случува една од причините за кошмарите во текот на спиењето и стравовите од темница да бидат токму содржините кои детето ги гледало на телевизија, на таблет или паметен телефон во текот на денот, а кои го преплашиле“, вели Фрицханд.

Заради тоа, советува таа, користењето на новите технологии треба да биде временски ограничено. На пример, во предучилишна возраст да не биде подолго од петнаесет до триесет минути на ден, неколку пати неделно, а не секојдневно и под надзор на возрасните.
Новиот урбан начин на работа и на живот, особено современите придобивки од пренагласената автоматизација, за која човекот постојано се заложува бидејќи му го прави животот полесен и поудобен но и поедноличен и физички по неактивен, се вртат директно против него. Но, опасноста од модерниот начин на живот не треба да се сфати како неизбежен чин, туку треба да се најде соодветна компензација за опасностите кои доаѓаат од неактивноста, несоодветната исхрана, психичката напнатост, а се составен дел од нашето секојдневие.
Едно од најдобрите решенија, и за децата и за возрасните е спортувањето.
Од базичните спортови кои се препорачуваат за правилно обликување на телото за деца до десет или единаесет години и спортови кои најдобро го поттикнуваат психо-моторниот развој, според одредени истражувања, се атлетиката, пливањето и гимнастиката, вели Силвана Карбеска, магистер по кинезиологија. Се работи за индивидуални спортови, што не значи дека придобивките од екипниот спорт се помали. Идеална возраст за детето да почне да се занимава со спорт, односно физичко вежбање, е од пет до девет години, период кога најлесно ги стекнува навиките што значително му го олеснуваат животот во адолсцентниот период.

„Придобивките кои се стекнуваат со самото вежбање се огромни. Покрај физичката активност, зголемувањето на телесната и мускулната маса, јакнење на организмот, на мускулите, зглобовите, спречувањето на деформитети, се подобруваат и моторичките способности како силата, брзината и издржливоста, а се подобрува и психичката активност, поточно концентрацијата, вниманието, интересот. Со спортувањето се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар и дијабетес, а активно допринесува за социјализација, јакнење на самодовербата, самостојноста, развивање на волјата, карактерот и дисциплината“, вели Карбеска.
Децата на возраст од пет до 17 години треба секој ден да бидат физички активни најмалку 60 минути. Два до трипати неделно треба да се прават вежби за сила и флексибилност како склекови, згибови, стомачни, три до петпати неделно по триесетина минути да се вежбаат аеробни вежби како возење велосипед, ролери, трчање или пливање и еднаков период рекреативно играње фудбал, ракомет, кошарка, одбојка, штафетни игри..
Секојдневно, вели Карбеска, децата мора да пешачат, да се качуваат по скали, да одат пеш во училиште и да учествуваат во сите активности надвор од домот, како на пример средување на дворот или околината.

Пишува: Сања Наумовска
Оваа истражувачка сторија е поддржана преку проектот “Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести”, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Содржината на сторијата се единствена одговорност на авторот и на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН Скопје, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
………………………………………………………………………………