Скоро и да нема ученик кој нема мобилен телефон со застрашувачки игри
Ива СТОЈАНОВСКА, училишен психолог во СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ ја прашуваме за се поопасното игри на интернет од страна на учениците кои доведуваат и до нивно самоповредување.
о Јавноста е шокирана од случајот со битолските ученици по нивното играње на „Синиот кит“ и „Мома“ . Колку ваквите игри или други слични опасни игри се присутни меѓу учениците?
– Морам да нагласам дека работам како училишен психолог во средно училиште каде што учениците се веќе влезени во средната адолесцентна доба. Тоа значи дека се повозрасни па од тука овие игри кои ги споменувате не се многу атрактивни за нив. Нормално, има исклучоци и тие претставуваат опасност за сите деца, но игрите се застрашувачки и најопасни за најмладата популација. Малите деца многу лесно може да се поистоветуваат со играта, преку фантазирање да избегаат од реалноста и целосно да ги следат упатствата од истата. Ваквите страшни игри влијаат многу лошо врз целосниот развој на децата тие не можат да спијат, имаат кошмари, исплашени се, имаат искривена реалност, може да се самоповредат, да станат повлечени и изолирани, а во праксата се познати и случаи кадешто има и смртни последници… За жал, нашата земја го следи светскиот тренд и игрите се присутни и достапни за децата и учениците. Скоро и да не постои ученик кои нема мобилен телефон со апликации на кои се појавуваат овие застрашувачки игри, па затоа и сметам дека гореспоменатите игри, а и други кои се сметаат за опасни се присутни и кај нашите ученици.
о Зошто ваквите игри стануваат привлечни за учениците?
– Нашите деца, учениците, а и ние самите секојдневно се повеќе стануваме зависни од технологијата. Мобилните апликации, социјалните мрежи, интернет групите за комуникација го освоија нашето секојдневие и се чини дека сите ние, а најмногу најмладите, повеќе не комуницираме отворено, очи во очи, туку виртуелно и преку секојдневни преписки. Игрите им дозволуваат на децата да влезат во виртуелниот свет и да избегаат од реалноста. Преку играњето и поминувањето од една во друга фаза на играта, адреналинот се зголемува. Самодовербата кај многу ученици е намалена, некои од учениците и немаат другари, врсници со кои секојдневно разговараат, па преку игрите и победување во наредната фаза од играта тие добиваат чувство на самопотврдување и сметаат дека можеби ќе бидат прифатени од околината. Во неколку истражувања и статии може да се прочитаат сознанија дека игрите создаваат зависност кај децата и токму тоа ги прави привлечни.
о Колку наставниците знаат за вакво „играње“. Се чини дека во школите малку се збори за опасностите од вакви игри?
– Наставниците се запознаени со овие игри, но немаат увид дали учениците ја играат играта додека се дома или можеби и во училиште. Учениците, но и родителите треба да се советуваат за овие работи, дури и тогаш кога немаме доказ дека играта се игра. Доволно е да се запознаат со овој негативен тренд и ние како наставници и училишни психолози да реагираме превентивно во целата ситуација. Класниот час, кратка работилница или разговор за последиците може да направи многу за да ги заштитиме децата, но и да ги запознаеме родителите со тоа што се случува или може да се случи.
Оваа статија е преземена од порталот skopskoeho.mk истата може да ја погледнете тука
