Зошто сме опседнати со социјалните мрежи

Понекогаш се прашуваме зошто некои содржини на социјалните медиуми стануваат вирални или зошто се прошируваат некои чудни трендови преку овие мрежи. Па, има цела наука зад она што лајкуваат, коментираат и споделуваат луѓето онлајн.

„Њујорк тајмс“ направил неверојатна студија за психологијата на онлајн споделувањето. Притоа идентификувале пет главни мотиви зошто луѓето споделуваат содржини:

Да ги подобрат животите на другите (94%)

Сакаат содржините што ги споделуваат да го отсликуваат нивниот онлајн идентитет (68%)

Сакаат да негуваат односи и врски (80%)

Им се допаѓа чувството кога другите им коментираат или им лајкуваат (81%)

Сакаат да се зборува за она во што веруваат (84%)

Професорот по психологија и психијатрија на UCLA, Метју Либерман, заклучува: „Луѓето најчесто сметаат дека она што го гледаат може да биде корисно и интересно не само за нив, туку и за другите. Се чини дека тие секогаш бараат некој на кого тоа ќе му биде од помош, ќе му биде забавно или интересно. Ако ги погледнат најуспешните објави на социјалните медиуми, неискусните очи нема да можат да проценат зошто се толку популарни, но од научна перспектива тоа точно може да се види.“

Во една одлична студија насловена „Зошто содржините стануваат вирални“, Џона Бергер и коавторката Кети Милкмен, професор по маркетинг од Wharton School of Business, прегледале 7.000 статии објавени од „Њујорк тајмс“, со цел да утврди кои од нив добиле најмногу прегледи и споделувања. Бергер и Милкмен утврдиле дека колку повеќе содржината предизвикувала силни емоции, какви што се зачуденост, бес, немир, страв, тага, хумор или шок, толку поголеми биле шансите да бидат споделувани во огромен број и дури и да станат вирални.

Истражувачите сметаат дека среќата е главен мотиватор за споделувањето на социјалните мрежи. Емоциите што се наталожени и поврзани со среќата се најчести кога станува збор за најуспешните вирални содржини на мрежите. Абигејл Познер од „Гугл“ го опишува споделувањето од среќа како „размена на енергија“. Според неа, кога гледаме или креираме содржина што нè живнува, ја препраќаме на други за да им дадеме дел од енергијата и живоста. Секој подарок го содржи духот на оној што подарува.

Но што нè прави толку зависни?

Социјалните мрежи се продолжение на нашите офлајн животи. Нашата потреба да бидеме поврзани и во интеракција со другите е универзална и неизбежна. Одржувањето контакти со другите ни помага да создадеме социјални универзуми составени од јазик, броеви, гестови, емотикони и социјални правила, споделени и разбрани од речиси сите.

Социјалната потврда е важен дел од тоа да се биде човек. Лајк на Фејсбук или фејворит на Твитер е социјален сигнал што прави да се чувствуваме добро и ни дава валидација.

Стравот од пропуштање е голем мотиватор во користењето на социјалните мрежи, посебно за оние што имаат помалку од 30 години. Дури 67 отсто од нив изјавиле дека ќе пропуштат нешто доколку не се активни на мрежите бидејќи луѓето под 30-годишна возраст сè yште ги уредуваат своите животи, развиваат лични и професионални идентитети, економски се ослободуваат и сл.

На егото му е потребна платформа за да излезе на површина, а социјалните мрежи се совршениот одговор за тоа. 80 отсто од нашите онлајн разговори содржат информации за нас, споредено со 30 отсто до 40 отсто од офлајн разговорите. Живееме во „Јас“ општество со опсесија за себеси, кое нè тера да пишуваме статуси и да се тагнуваме на фотографии (но само на оние на коишто си се допаѓаме како изгледаме 😊)

Социјални споредби и зголемување на самодовербата. Луѓето се споредуваат меѓу себе и притоа добиваат сила, слабост, способности или различни перспективи. Потврдувањето на социјалните врски е нешто што обично прави да се чувствуваме добро.

И на крај, хемијата во мозокот. Социјалните мрежи создаваат физиолошка и психолошка зависност, до таа мера што една студија на Универзитетот Харвард вели дека споделувањето информации за себе онлајн, го активира истиот дел во мозокот што се активира при земањето супстанции што создаваат зависност. Како кокаинот, на пример.

Оваа статија е преземена од порталот popup.mk

Pin It on Pinterest