20 мин. дневно од тато и 20 мин. од мама се доволни за среќно дете, укажува рускиот педијатар Комаровски

Брзото темпо на живот не им остава на родителите доволно време да им се посветат на децата, па повеќето од нив чувствуваат вина поради тоа. Меѓутоа, рускиот педијатар д-р Евгениј Комаровски тврди дека е поважно времето што го поминуваме со децата да биде квалитетно искористено, иако е кратко.

Реалноста е дека штом ќе дојдат од работа, родителите прво ги средуваат работите по дома и со децата разговараат така што им поставуваат прашања и не го дочекуваат одговорот, а децата многу добро препознаваат кога не ги слушаме со цело внимание. Затоа генералната порака на сите психолози е да им дозволите на децата да зборуваат за себе, за тоа што сакаат да прават, за нивните грижи. Тоа ќе помогне да се изгради атмосфера на доверба и прифаќање. Затоа, откако ќе се вратите од работа, прво седнете и поразговарајте. Раскажете им што ви се случило дента, а потоа прашајте ги како тие го поминале времето додека не бевте тука.

Детето треба да се чувствува сакано

На оваа тема неодамна се огласи и познатиот руски педијатар д-р Евгениј Комаровски. Тој истакна дека 20 минути дневно поминати во блиска комуникација, размена на искуства, во атмосфера во која се покажува интерес за животот на детето, се доволни за тоа да се чувствува сакано и дека не можат без него оние што многу му значат.
– Значи, 20 минути дневно од тато и 20 минути дневно од мама се сосема доволно за нормална психолошка состојба на детето. Никогаш нема да се согласам дека вработен човек не може да издвои толку време – наведува педијатарот.

Ви се чини дека тоа е малку? Еве што мисли психотерапевтот Светланка Кнежевиќ за тоа.
– Се согласувам дека е поважно како родителите го поминуваат времето со децата отколку колку. Сведоци сме дека на времето поминато со семејството влијае подолгото работно време, а и мобилните телефони и компјутерите. Младите родители поминуваат многу време на овие уреди и кога се заедно со децата. Така, тие се помирни затоа што се со децата, а всушност нема контакт, нема близина. Во поново време во градовите родителите ги носат и сосема малите деца на разни активности, на пр., спорт, странски јазик, цртање, глума… Голем дел од времето тие го поминуваат возејќи се со децата по градот и на тој начин губат од квалитетното поминато време – објаснува Кнежевиќ.

Таа истакнува дека иако поновите истражувања покажуваат дека децата на претшколска возраст можат да научат многу повеќе отколку што се мислеше порано, странски јазик, да читаат, па дури и математика, за учење не треба да ги носите децата во разни училници, туку е многу подобро родителите да учат со нив низ игра.
– Тоа значи посветување на децата и занимавање со нив. Спортот е здрав и неопходен, но родителите можат да вежбаат со децата во домот или во природа, додека се на претшколска возраст, а подоцна да ги носат кај професионален тренер. Како што растат децата, така се намалува времето што родителите треба да го поминуваат со нив, па дури тогаш тие можат да се занимаваат со своите хобиња или да се дружат со повеќе пријатели – советува психотерапевтот.
Без разлика колку време поминувате заедно, доколку работите нешто што и вам и на вашето малечко му причинува задоволство, тоа време е скапоцено. Не е страшно ако некогаш во текот на денот поминете со него само половина час, ако потоа и вие и детето сте среќни и исполнети. Тоа е подобро отколку да го поминете денот така што секој ќе прави нешто за себе, не обрнувајќи му внимание на другиот – вие затворени во кујната или во работната соба, а детето пред ТВ цел ден.
Родителското внимание како израз на љубов им е неопходно на децата за нормален развој. Секое дете на кое му недостига вистинско внимание од родителите го покажува тоа на свој начин. Родителите треба да ги уочат тие знаци и да реагираат на соодветен начин. Научете да го толкувате однесувањето на своето дете и дознајте што да направите за да го смирите.
– Родителите треба да ја негуваат во себе желбата да бидат со своите деца, а не тоа да го доживуваат како обврска. Обврската предизвикува отпор, а отпорот неисполнетост, вина и тука никој не е задоволен. Ако некој се најде во тој круг, треба да смени нешто во животот – објаснува психотерапевтот.

Четири знаци дека на детето му е потребно внимание:

Често е непослушно – тоа може да укажува дека се чувствува игнорирано. Заедничкото време играјќи на подот ќе му покаже дека не треба да се однесува непослушно или агресивно за да биде видливо во семејството. Додека сте со детето, ќе сфати дека ви е важно, а може и да ја откриете вистинската причина за таквото однесување.

Често плаче или е многу „залепено“ за родителите – тоа може да укажува на неговата несигурност. Секојдневно, половина час целосно внимание ќе го увери детето дека е сакано и сигурно во кругот на семејството и ќе му помогне да си ја поврати самодовербата.

Често удира, вреска и покажува други знаци на бес – низ игра тоа ќе научи дека постојат и посоодветни начини на изразување на лутината.

Тешко се снаоѓа во нови ситуации – на пр., кога ќе тргне во градинка или во училиште, кога ќе почне да спие во своја соба и сл.

Оваа статија е преземена од порталот деца.мк, целата статија може да ја погледнете тука

Pin It on Pinterest