Повеќе од половина од децата во предучилишна возраст имаат нарушување во говорно-јазичниот развој

Влијанието на технологиите на говорно-јазичниот развој е проблем кој веќе е докажан и потврден во логопедската пракса. Модерните деца, според д-р. сци. Силвана Филипова, логопед и директор на Заводот за рехабилитација на говор, слух и глас, предолго време поминуваат со телефоните, таблетите и другите уреди и губат интерес за комуникација со околината. Негативното влијание на технологијата станува глобален проблем, а светските статистики укажуваат дека за десетина години можеме да очекуваме секое второ дете на планетата да има некаков вид на говорно-јазично нарушување.

Причината за ваквата состојба со говорот на децата, според Филипова, е неправилната стимулација во најраниот развоен период, особено кога различните гаџети се главната преокупација на децата и замена за сите игри и играчки. Таа објаснува дека стручните лица препорачуваат до пет, па дури и до 12 години на децата воопшто да не им се даваат телефони и таблети, а подоцна времето да им се ограничи на еден час и тоа само за едукативни цели.

Г-ѓа Филипова какво е влијанието на технологијата генерално врз развојот на децата?

Живееме во дигитална ера, во време кога технологијата навлезе во сите сфери на општественото живеење. Таа д онесе многу позитивни работи, но им избега од контрола на родителите. Компјутеризацијата е добра работа, да не бидам сфатена погрешно, треба да го следиме напредокот на технологијата, но проблемот се јавува кога таа почнува да станува замена за сè. Се помалку гледаме деца кои играат со играчки или деца кои играат групни игри, а се повеќе гледаме деца кои седат сами и се дружат со своите скапи играчки во форма на смартфони, таблети, компјутери. Родителите си го купуваат својот мир купувајќи им ги на децата овие скапи играчки. Тие забележале дека сликата во движење многу брзо ги смирува децата, па  можат полесно да ги нахранат, да се одморат или да си завршат некоја работа, а притоа не знаат колкава штета му прават на своето дете.

Може ли специфично да ни посочите какво е влијанието на технологијата токму врз развојот на говорот во најраната возраст?

Децата кои прекумерно се изложени на влијанието на технологијата во најраната возраст слушаат говор преку микрофони кои се со слаб квалитет, а тоа доведува до нарушување на аудитивната перцепција која е во основата на развојот на говорот и е важна за усвојување на акустичката структура на гласовите битна за правилниот изговор, за развој на фонолошката свесност важна за усвојување на техниката на читање, за развој на слушното процесирање, кое пак е важно за развој на рецептивниот и експресивниот говор. Додека играат игрички, децата во позадината слушаат музика која преставува прост повторувачки тон кој не само што не стимулира туку и го тренира мозокот на стереотипност. На таблетите децата гледаат дводимензионална слика, а во најраниот период треба да гледаат тродимензионална слика и на тој начин да ја развиваат третата димензија на длабочина која е важна за развој на фокусираното внимание потребно за стекнување на техниката на читање. Она што е најлошо е тоа што детето поминува подолго време со таблетот и губи интерес за комуникација со околината, не развива контакт со очите, нема здружено внимание и сиромашна невербална комуникација. Комуникацијата со околината најчесто се остварува со викање, кое со текот на времето се влошува и доведува до појава на нарушување на однесувањето кое многу тешко се модифицира.

Постојат ли податоци колкав е бројот на деца кај кои во последните години е забележан проблем со говорот?

Од година во година сè поголем е бројот на деца со нарушувања во вербалната комуникација, на деца кои тешко проговоруваат. Некои светски статистики укажуваат дека доколку прогресијата продолжи со вакво темпо за десет години може да се очекува дека секое второ дете ќе има некаков вид на говорно-јазично нарушување. Според нашите податоци, кои ги добиваме од систематските прегледи околу 50 -60 отсто од децата во предучилишна возраст имаат полесно или потешко нарушување во говорно-јазичниот развој.

Со оглед на вашето долгогодишно искуство како логопед, можете ли да направите споредба на состојбата од пред неколку години и сега?

Кога се вработив како логопед, пред околу 25 години, доминираа нарушувањата во артикулацијата, потоа почнаа да растат развојните говорно-јазични нарушувања, односно почнаа да се зголемува бројот на деца кои тешко проговоруваат, за да денес рапидно е зголемен бројот на деца со нарушувања во социјалната комуникација за чиј третман е потребен мултидисциплинарен пристап.

Што е причината за ваквото зголемување на бројот на децата со говорни нарушувања?                                      

Наједноставниот и најразбирливиот одговор би бил: неправилната стимулација во најраниот развоен период. Развојот на говорот е доста сложен процес во кој централно место имаат родителите и детето. За да се развие говорот, покрај биолошката основа која детето ја носи со раѓањето, потребни се и стимулации од надворешната средина. Нашиот професор Светомир Бојанин постојано нагласуваше дека „добар сензомоторен развој е предуслов за правилен говорен и когнитивен развој“. Ако детето во сензомоторниот период ги добие правилните стимулации, неговиот говорен и когнитивен развој ќе биде добар . Мозокот е единствениот орган кој не е комплетно развиен со раѓањето и има најинтензивен развој во првите три години. Тогаш се создаваат сите врски кои се потребни за развој на говорот, развој на мисловните процеси, за совладувањето на социјалните вештини, за разбирањето на емоциите, своите и туѓите, а сето ова е во директна корелација со моторичката активност на детето. Во овој период детето треба да добива проприоцептивни, вестибуларни, тактилни, аудитивни и визуелни стимулации. Да ја развива манипулативната спретност, билатералната координација, визуо-моторната координација, графомоториката, грубата моторика, моторното планирање. Ако во овој „критичен период“ детето не ги добие потребните, правилните  стимулации се создаваат услови за развој на развојни нарушувања.

Што значи правилен развој на говорот кај едно дете, на која возраст се случува и кои се главните карактеристики?

Според основните параметри за развој на говорот, детето до три месеци треба да гуга, на шест месеци се појавува баблингот, околу осмиот месец

разбирањето на говорот е поврзано со ситуацијата – ситуацисиско разбирање од кое покасно се развива јазичното разбирање, а од деветтиот до дванаесеттиот месец се развива здруженото внимание едно од најважните компоненти во психичкиот развој и е предуслов за развој на почетните емоционални односи со другите лица, како и за развојот на јазичките и комуникациските вештини. Од девет до 15 месеци се појавува првиот збор со значење. На 24 месеци детето треба да има минимум 50 зборови, а некои деца имаат и 400-500 зборови. За почеток на развојот на синтаксата се потребни минимум 250 зборови. На три години детето формира реченица, која може да биде аграматична и веќе ја формирало базата на говорот, а тоа значи дека детето го усвоило она најосновното што е потребно за комуникацијата. На четири години се развива логички говор, реченицата е комплетна и граматички правилна. Развојот на говорот се одвива постепено и трае се до седум или осум години, кога се стабилизира и автоматизира. Семантичкиот аспект на говорот се развива и изградува во текот на целиот животен век на поединецот.

Како и во кои делови најмногу модерните деца отстапуваат од правилниот развој на говорот?

Секоја нова генерација е послаба од претходната. Касно проговоруваат, моторички се послаби. Имаат краткотрајно внимание, послаба концентрација. Имаат сиромашен фонд на зборови, тешко се изразуваат на мајчин јазик, не можат да пишуваат, не можат да учат, ги забораваат домашните задачи. Многу малку читаат книги, а со тоа не го надградуваат говорот и имаат лоши комуникативни способности. Лошо се организираат во времето и просторот и потешко воспоставуваат комуникација со своите врсници.

Кои се најголемите грешки на родителите во овој поглед?

Родителите ако сакаат да го разберат светот на своето дете мора да му помогнат да го изгради својот говор и јазик. Изгубеното време тешко се надокнадува. Квалитетот на животот на детето во многу зависи од неговите способности да комуницира. Родителите се природен говорно-јазичен модел на своето дете. Секое дете е единствено и има свое индивидуално темпо на развој. Првите шест години се најзначаен период во кој детето ќе ги усвои основите на комуникацијата. Како неговите јазички способности ќе јакнат така ќе може подобро да ги изразува своите чувства, мисли и идеи, да ги следи своите интереси и да ги развива своите таленти. Во овој период родителите ја имаат единствената и неповторлива можност да му помогнат на своето дете да ја усвои својата најважна и најсложена вештина, а тоа е моќта да се служи со јазикот. Адекватна стимулација на говорот и јазикот е една од најважните работи која треба да му ја пружите на своето дете.

Дали прозборувањето на англиски пред македонски јазик е една од последиците на влијанието на технологиите?

Сè почесто доаѓаат родители кои ни кажуваат дека нивното дете проговорило на англиски јазик. Поголем број од децата кои биле предолго изложени на влијанието на технологијата почнуваат да зборуваат на англиски јазик. Најчесто таквиот говор не е функционален и е на ниво на механичко повторување на фрази и зборови без да им се знае правото значење. Други пак, не прават дистинкција меѓу двата јазика, односно ги перцепираат како еден. Почнуваат да зборуваат на едниот, па продолжуваат на другиот јазик. Трети пак англискиот јазик го совладуваат на ниво на мајчин јазик. Подобро се изразуваат на англиски јазик и имаат поголем фонд на зборови, додека потешко се изразуваат на македонски јазик  заради сиромашниот фонд на зборови употребуваат едноставни реченични конструкции.

Кои се вашите совети, смеат ли децата да имаат допир со технологија, особено компјутери, мобилни телефони, таблети..?

Како што кажав технологијата е добра работа, таа на некој начин ни го олеснува секојдневниот живот, проблемот се јавува кога таа почнува да станува замена за сè. Некои стручни лица препорачуваат до пет години на децата да не им се даваат телефони и таблети, други се поригорозни и велат дека до 12 години да не се изложуваат на влијанието на технологијата, а после таа возраст времето да им се ограничи на еден час и тоа само за едукативни цели. Ако детето седи еден час пред екраните се препорачува потоа да има два часа моторички активности.

Оваа истражувачка сторија е поддржана преку проектот “Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести”, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, со финансиска поддршка од Европската Унија.

Содржината на сторијата се единствена одговорност на авторот и на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН Скопје, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Сторијата е подготвена од страна на Сања Наумовска во соработка со Заводот за рехабилитација на слух говор и глас.

                                       

Pin It on Pinterest