Зависноста од екраните го оштетува мозокот на децата

Дигиталната доба го направи нашето живеење полесно и поудобно, но исто така со себе донесе и многубројни негативни последици.

Ако погледнете околу себе во кое било време, ќе забележите голем број луѓе, особено деца, како зјапаат во нивните дигитални уреди и големи екрани. Многу родители ги користат паметните телефони и таблетите како најдобар начин за решавање на проблемите поврзани со здодевноста и смирување на темпераментот кај децата. Сепак, откриено е дека времето поминато пред екраните доведува до низа проблеми поврзани со психичкото здравје и однесувањето на малите деца.

Студии покажале дека видеоигрите и апликациите на паметните телефони доведуваат до зависност, особено поради времето поминато пред екраните. Мозокот кај децата не е целосно развиен, така што гледањето во екраните може да предизвика пречки во развојот на невроните и да создаде нарушување во вид на зависност:

– Нарушувања поврзани со зависност од интернет;
– Нарушувања поврзани со интернет-игри;
– Зависност од „Фејсбук“;
– Зависност од видеоигри;
– Патолошка употреба на технологија;
– Зависност од онлајн-игри;
– Зависност од мобилен телефон;
– Проблематично користење на интернет;
– Компулсивно користење на интернет;
– Патолошко користење видеоигри;
– Зависност од социјални мрежи.

Д-р Арик Сигман, психолог кој работел на вакво истражување, објавил текст во „Журнал на интернационалната асоцијација за детска неврологија“, каде што ја дефинира зависноста како поим кој се користи за да се опише зголемениот број на деца кај кои активностите поминати пред екраните добиваат проблематична нишка, односно нота на зависност.

Следните симптоми покажуваат дека времето поминато пред екраните ја компромитира способноста за функционирање кај децата:

– Преокупација;
– Губење на интересот за надвор;
– Повлекување;
– Лажење за времето на користење;
– Неуспех при намалувањето или сопирањето на користењето технологија;
– Продолжување и покрај негативните последици;
– Користење технологија за избегнување на променливото расположение.

Студија од 2015 година објавена во „Бихевиорални науки“ во Базел покажала дека 12 проценти од младите адолесценти-гејмери во САД се „патолошки видеогејмери“. Психотерапевтот д-р Џорџ Лин смета дека 80 отсто од неговите пациенти имаат проблеми предизвикани од прекумерно играње игри, гледање видеа онлајн или прекумерно користење на социјалните мрежи. Исто така, додава дека повеќето доктори, семејни лекари, дури и психијатриски практичари не ја гледаат очигледната вистина дека карактерните проблеми кај детето може да се јавуваат најмногу поради тоа што детето поминува само два до три часа спиејќи во текот на ноќта.

Специјалистот за семеен живот и детски развој и консултант за рана детска едукација, Клодет Авелино-Тандок, објаснува дека зависноста од екраните може да предизвика симптоми како губење или покачување на телесната тежина, осаменост, инсомнија, болки во грбот, проблеми со видот, главоболки, анксиозност, лажење и чувство на вина. Сепак, долгорочните ефекти вклучуваат оштетување на мозокот, а научниците откриле дека нарушувањето поврзано со зависност од екраните предизвикува и намалување на мозокот или губење на ткивата во фронталниот кортекс, во регионите кои се задолжени за планирање, организациски вештини, притисок или социјално неприфатливи импулси, како и капацитетот за развој на емпатија.

Ако детето ги има овие симптоми, Авелино-Тандок ги советува родителите да побараат помош кај педијатар првично за да се одреди точната дијагноза на детето. Додава и дека треба да бидат алармирани кога регуларна семејна рутина или задача не може да биде извршена од страна на детето затоа што е зафатено со екраните.

Родителите или старателите треба да му го објаснат на лекарот однесувањето на детето во согласност со она што го набљудуваат дома, а лекарот треба да има свој пристап со прашања и тестови и за родителите и за детето. Таа објаснува дека уредите не се лоши, може да бидат моќни алатки за учење, комуникација и забава, но балансот е клучот во нивното користење. Родителите би требало да го менаџираат тој баланс при користењето на технологијата. Треба да најдат време и да ги стимулираат своите деца за да се развиваат физички, да ги подобруваат своите јазични и социо-емоционални вештини.

Учениците треба да се охрабруваат да цртаат, бојат, да користат вистински материјали наместо своите таблети и паметни телефони. Во случај да покажуваат афинитети кон градење, родителите треба да им најдат соодветен материјал со кој може да ракуваат и да ги заменат уредите со кутии и коцки. Сепак, најважно е децата да бидат охрабрувани да стапат во интеракција со своите врсници и да играат надвор со нив.

Американската Академија на педијатри има нови препораки за употребата на медиумите од страна на децата. Ова се методите на д-р Лин:

– Децата помали од 18 месеци да избегнуваат екрани, освен за видеоразговори.
– Да се ограничи користењето на технологија на еден час дневно и тоа да бидат квалитетни програми за деца на возраст од 2 до 5 години. Исто така, родителите треба да бидат со своите деца за тоа време за да им објаснат што е она што го гледаат.
– За децата од 6 години и постари, времето треба да биде ограничено, а родителите да се осигурат дека користењето на технологијата нема да го намали задолжителното време за спиење, за физичка активност и друго важно однесување.
– Бидете сигурни во врска со важноста на онлајн-безбедноста, како и важноста за тоа дали детето ги третира другите со почит и кога е онлајн и кога не е.
– Организирајте време поминато заедно без смартфони и таблети, на пример, заедничка вечера или возење и тоа на локации каде што нема секакви медиуми.

Оваа статија е преземена од порталот deca.mk

 

Pin It on Pinterest