Неконтролираното поминување време на која било технолошка иновација предизвикува низа опасни последици за развојот на децата 

Tехнолошките иновации го менуваат и светот на детето, имаат низа позитивни аспекти и придонесуваат за развој на одреден сегмент од детската личност. Но, доколку се земе предвид севкупното влијание, со право може да се каже дека и прекумерното користење на паметните телефони, таблетите и лаптопите може да има негативно влијание врз развојот на детето, категорична е проф. д-р Татјана Стојаноска-Иванова. 

Доцентот на Институтот по социологија учествуваше на јавната трибина на тема „Штетното влијание на прекумерното користење на современите технологии врз развојот на децата“, што ја организира здружението за дислексија „Ајнштајн“ од Скопје. Таа се осврна на влијанието на современите технологии врз развојот на децата од психолошки аспект. 
– Препораките дефинитивно се дека децата не треба да се оставаат и препуштаат на воспитување со помош на новите современи технологии, кои имаат и позитивни страни, но сепак, родителското внимание, родителското воспитување, влијанието на групата на врсници, играњето игри се незаменливи и никоја техничко-технолошка иновација не може да ја замени емоционалната фузија што ја даваат примарните фактори на социјализација – нагласува Стојаноска-Иванова. 

Одредени истражувања во Кина и во САД, а секако и на Балканот, даваат конкретни податоци за специфичното влијание на овие современи уреди и зависноста која може да произлезе од нивното прекумерно користење, додава таа. 
– Така, на пример, ќе сретнете податок кој вели дека во Кина се измислени и специјални пелени за поголеми деца и адолесценти, па и возрасни, кои не сакајќи да прекинат во одредена игра на социјалните мрежи или не можат да се одделат од својот компјутер, оа дури своите физиолошки потреби ги извршуваат на ниво на бебе. Ова се екстреми кај кои постои зависност од интернет и негативни примери кои апсолутно не треба да се следат. 

Според професорката, веќе се укажува на големи негативни последици врз децата, како резултат на прекумерното користење технологија. Тие се:

– Физички малформации – искривување на ’рбетот, проблеми со видот, проблеми со говорот (особено употребата на мајчиниот јазик), проблеми со моториката. Децата што подолго време минуваат користејќи смартфони или таблети ги имаат горенаведените проблеми.

– Алиенација (отуѓување) – самите социјални мрежи и комуникацијата преку нив подразбира отуѓување на децата едни од други, бидејќи комуникацијата се одвива исклучиво виртуелно и на тој начин заемната директна комуникација се заборава, а тоа води кон отуѓување на децата.

– Зголемено насилство и агресија – гледањето содржини кои изобилуваат со насилство и агресија, играњето игри кои продуцираат насилство, придонесуваат за зголемено насилство и агресија кај децата, бидејќи тие се соживуваат со своите јунаци и често ги имитираат.

– Создавање лажни идентитети – начинот на комуникација подразбира можност и за лажно претставување, а подолгиот начин на такво комуницирање ќе претпостави внесување на детето во идентитетот кој не е вистинит, а сето тоа може да предизвика проблеми во понатамошниот развој.

– Создавање поинакви вредности. Вредностите, како идеали кои се ѕвезди водилки на секоја личност, се суштествени за понатамошниот животен тек на личноста и доколку не се восприемат вистинските вредности, а виртуелното комуницирање не ги истакнува и продлабочува, детето нема да може да создаде вистински и правилен вредносен дискурс, кој понатаму ќе треба да му го осмисли патот и да му покаже што е правилно, добро и општествено посакувано.

– Живеење во виртуелен свет. Социјалните мрежи создаваат виртуелен свет кој целосно се разликува од реалниот живот и во развојот на детето може да дојде до конфузија што да се прифати и кој е вистинскиот свет во кој треба да егзистирам.

– Создавање поинакви авторитети и модели. Моделите за идентификација и имитација се суштествени и најважни за детето и во најмала рака тоа треба да бидат родителите, наставниците и други позитивни ликови од неговото секојдневие, но гледајќи содржини на паметните телефони и таблетите, тоа восприема поинакви модели за идентификација и имитација, кои најчесто не се во согласност со моделите што се вредносно и морално правилно изградени.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Pin It on Pinterest