Психолог Хаџиванова за зависноста од социјалните мрежи: Како да ги заштитите децата од негативните влијанија

Ова интервју е преземено од порталот zenskimagazin.mk

Пред неполн месец тинејџер се снимаше како предизвикува пожар и ја објави снимката на популарната мрежа „ТикТок“. Пред неколку дена на истата мрежа, презентирано беше насилство, каде момчиња брутално тепаа друго момче

Ова се меѓу последните случаи каде млади објавуваа загрижувачки содржини на социјалните мрежи, а со кои јавноста беше запознаена и надлежните реагираа, но, од овде произлегува грижата и прашањето дали децата поради популарност, поголем број на следбеници на социјалните платформи или слично се подготвени на се’, односно се доведува во прашање влијанието на социјалните медиуми врз однесувањето на децата.

Со психолог, психотерапевт, м-р Ивана Хаџиванова – основач на НЕОКОРТЕКС – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација разговаравме токму за зависноста од социјални медиуми, технологија и Интернет и начини како родителите да се справат и да спречат негативни влијанија од истите.

Психолог Ивана вели дека дефинитивно социјалните медиуми влијаат на децата, но, влијаат свесно и несвесно на сите нас. 

-И ние возрасните тоа мора да го признаеме, иако можеби во помала мера со оглед на постигнатата зрелост и критичност во размислувањето. Виртуелниот простор е преполнет со дигитални информации од секаков тип, многу од нив корисни, но за жал многу и без потребната цензура и соодветност во изборот на објавите. Тоа значи дека социјалните медиуми се моќен простор кој има многу позитивно, но и многу негативно влијание, особено кај децата и адолесцентите. Сведоци сме на се повеќе загрижувачки содржини, неадекватни, дискредитирачки, агресивни, полни со предрасуди, стреотипи и навреди на различна основа, а дел од нив дури достигаат степен и на кршење на законот. Кога станува збор за такви случаи, треба соодветно да се детектираат и санкционираат. Истите, знаат да бидат насочени и директно кон фрагилната личност на адолесцентот, во форма на сајбер-булинг и да предизвикаат значајни психички потешкотии и удар на и така флуктуирачка самодоверба во тој период.

*Дали децата гледаат едни од други или влијание имаат и популарните личности и тоа што тие го пласираат на социјалните медиуми?

-Децата постојано се набљудуваат и следат едни со други, се натпреваруваат, споредуваат и имаат тенденција за имитација помеѓу нив. Притоа се склони на следење на трендови и актуелни однесувања, меѓу кои за жал тука се позитивните, но и негативните. Во однос на однесувањето на јавните личности и инфлуенсерите, децата и младите сакаат да прават идентификација со своите идоли градејќи го својот идентитет, и очекувано е превземањето на примери од однесувањето и стилот на живеење кои нивните идоли јавно го презентираат. Јавните личности имаат голема одговорност и со многу внимание треба да го градат јавниот селф и имиџ, внимателно да бираат што пропагираат, имајќи го предвид големото влијанието кое го имаат на општата популација, а особено на помладите. Меѓу нив има одлични примери кои се гледа дека го имаат сето ова во предвид и умесно го презентираат. Важно е младите внимателно да ги бираат моделите кои ги следат, обидувајќи се да се изразат и презентираат себеси, да ја покачат својата самодоверба, популарност и прифатеност во својот социјален круг, кој во таа животна фаза им е премногу значаен.

*Интернетот е на дофат на децата уште од најмали нозе, честопати родителите ги смируваат децата давајќи им ги своите телефони, дали тоа влијае на создавањe зависност од интернет, од телефони? Како родителите да влијаат на децата, користењето на социјални мрежи да биде насочено кон корисни, продуктивни работи?

– Точно е дека користењето на технологијата и интернетот без контрола може да доведе до зависничко однесување, и за жал периодов тоа многу го забележуваме. Во центарот (Неокортекс) имаме голем број на родители и деца со оваа потешкотија, особено засилено и од повеќемесечната изолација, и редукцијата во социјализацијата поради пандемијата.

Играњето, социјалните медиуми и интернетот секако дека во одреден период особено во почетокот на кризата со карантинот имаше добра функција на задржување барем на виртуелната комуникација со другарите, и забава со која децата го растеретуваа стресот и им беше добар дистрактор. Но, јас секогаш велам дека родителите треба да промовираат балансирана употреба на интернетот, телефоните и општо технологијата, односно време пред екран, секако прво почнувајќи од себе. Тоа значи умерено и ограничено време, според возраста препорачано, со насока и за тоа да се стимулираат позитивните бенефити, односно да се користи и за истражување, едукација и креативност, и конструктивна употреба на сите овие актуелни алатки на денешницата. Истото треба да е балансирано во склоп на денот, во кој би имало и движење и спорт надвор и во природа, директна комуникација со семејството, врсниците и слично. Тенка е границата со која балансираната корисна употреба, преминува во злоупотреба и зависност.

*Дали родителите и најблиските можaт навремено да реагираат, доколку приметат негативни промени во однесувањето на децата, како? 

– Ме радува фактот дека се повеќе и се понавремено родителите бараат стручна помош, штом приметат промени и отстапувања во детското однесување и емоции, и целокупен развој. Тоа е знак за голема свесност, храброст, совесност и отворен ум кај родителите кои се отворени за совет и промена. Тоа е особено важно бидејќи кога станува збор за деца, всушност се работи со целото семејство, бидејќи секој член може да допринесе за подобрување на семејната динамика и функционирање. Покрај индивидуален третман, применуваме и семеен-системски тераписки пристап, кој многу помага во разрешување на потешкотиите кај нашите клиенти.

Точно дека децата, особено адолесцентите имаат тенденција да ги прикриваат некогаш работите кои ги мачат од разни причини, како страв од казна и отфрлање, страв од осуда или прејака реакција на родителот, чувство на срам, а многу често и поради тоа што не сакаат да предизвикуваат загриженост кај своите родители, и се обидуваат да ги разрешат своите потешкотии сами. Тоа некогаш е успешно, но може да биде причина и за уште поголемо продлабочување на потешкотиите. Прогностички најдобро е веднаш да се зборува со родителот и да се примени активен пристап на справување со потешкотиите.

*Негативно однесување како последица на социјални медиуми не е случај кај сите деца, од што зависи кај кои деца ќе се јави? Како е најправилно да реагираат родителите, а што не треба да прават?

– Зависи од многу фактори, меѓу кои физичката и емоционалната зрелост и развојна фаза на детето, воспитувањето и степенот на интернализираните забрани, пораки и морални вредности од родителите како примарни згрижувачи, темпераментот и карактерот на детето, актуелните потреби кои тоа ги има, а секако дека тука е влијанието и на срединските фактори и социјално опкружување во кое тоа се движи. Родителот пред се треба да е отворен за разбирање и разговор со своето дете, со обид да се види причината и позадината на негативното однесување кое е имитирано, со поставување на цврсти граници, грижа и контрола, и насоки во однос на разликување на позитивно/негативно однесување-постапка, кое секое дете треба да го научи. Потребно е ставање акцент на стимулацијата на социо-емоционалниот развој и интелигенција, развој на емпатијата и разбирање на последиците од сопствените постапки и прифаќање на одговорноста, покачување на критичноста во размислувањето, кои се и всушност цели во секое родителство.

Во време на пандемијата бевме принудени на седење дома, децата немаа можност за социјализација и дружба, поради неопходноста од далечинско учење голем дел од времето поминуваа пред компјутери, а постои можност тоа да продолжи и со стартот на новата учебна година.
Дали постои опасност и тоа негативно да влијае на децата, доколку биде донесена одлука за он-лајн учење, како родителите да го извлечат најдоброто од нив, без да дојде до негативни последици од истото?

– Важно е да се одржува социјализацијата на децата и директната комуникација преку дружењето, реализирана секако со примена на препорачаните мерки. Таа има големо влијание врз менталното здравје кај сите возрасни групи, акај децата особено врз нивниот социјален и емоционален развој. Затоа мора да се направи адаптација и да се употреби креативноста за да се најдат безбедни алтернативи, за таа да не се прекинува во целост како што забележав дека голем број на клиенти го практикувале и го почувствуваа негативниот импакт. Самодовербата кај децата и младите не треба исклучиво да зависи и да се гради од лајковите и виртуелниот фидбек. Секој родител треба да е информиран за сите позитивни бенефити, но и негативни од користењето на технологијата и социјалните медиуми, за своите деца. Секако дека родителот е тој кој треба да го супервизира и контролира користењето на технологијата, и тоа да биде со добри родителски граници, кои нема да се ниту премногу ригидни, ниту премногу попустливи.

Притоа во денот препорачувам да има добра рутина и распоред во кој времето пред компјутер би било ограничено согласно возраста, а балансирано со спорт и движење во природа, и овозможени хобиа и активности според преференците на децата.

И не смее да се заборави на отворениот разговор меѓу родителот и децата, во кој ќе се врши таа едукација на детето и во однос на овој дел од нашите животи, со цел и тие да го разберат баланираното употребување, и можните позитивни/негативни последици и влијание од социјалните медиуми и технологијата – завршува психолог, психотерапевт, м-р Ивана Хаџиванова.

Pin It on Pinterest