Поради паметните телефони, на луѓето им растат чудни коскени шилци на вратот

Часовите што ги поминуваме гледајќи во нашите паметни телефони се чини дека го менуваат нашето тело. Ова можеби е причината зошто некои луѓе, особено помладите генерации, развиваат чудни коскени шилци на нивните вратови. Надворешната окципитална коска понекогаш е толку голема, што може да ја почувствувате со притискање на прстите на основата на черепот.

– Доктор сум веќе 20 години, но во последнава деценија откривам дека сè повеќе мои пациенти го имаат овој израсток на черепот – вели Дејвид Шахар, научник за здравје од Австралија.

Не е идентификувана врската меѓу причината и ефектот, но можно е шилците да се појавуваат поради постојано наведнување на вратот во непријатен агол за да се гледа во паметните уреди.
pametni telefoni
Фото: Shutterstock

Човечката глава е тешка околу 4,5 килограми, а несоодветното навалување може да го затегне вратот. Ваквата положба може да го зголеми притисокот на местото каде што се прицврствуваат мускулите со черепот и телото најверојатно реагира со поставување нова коска, што води до овие коскени шилци.

Во 2016 година Шахар и еден колега ги разгледувале рендгенските снимки на 218 млади пациенти на возраст од 18 до 30 години за да утврдат колку од нив имале вакви израстоци. Редовните шилци биле 5 милиметри, додека зголемените шилци биле 10 милиметри.

41 отсто од групата имале зголемени шилци и 10 отсто имале особено големи шилци со големина од 20 милиметри. Во принцип, зголемените шилци биле почести кај мажите отколку кај жените. Најголемиот шилец му припаѓал на маж и бил 35,7 милиметри.

Друго истражување спроведено на 1.200 лица, на возраст од 18 до 86 години, открило дека овие коскени шилци ги има повеќе кај помладите.

– Овие коскени шилци веројатно ќе останат тука. За среќа, тие не предизвикуваат проблеми, но ако имате непријатност, треба да се обидете да го подобрите држењето на вашето тело – вели д-р Шахар.

Статијата е преземена од порталот fakulteti.mk

Pin It on Pinterest