Карпош прва општина која воведе забрана за користење на мобилни телефони во училиштата

Официјално од 11 септември, започна доделувањето на првите организатори за складирање на мобилните телефони на територија на општина Карпош, во сите десет основни училишта од страна на Здружението за дислексија Ајнштајн, како дел од проектот “Вклучи внимание” финансиран од Европската Унија.

Имено, Учениците од предметна настава од 10-те основни училишта на територијата на Општина Карпош се примарна целна група на проектот. Кај учениците преку целта на проектот се очекува намалување на зависноста од мобилните телефони и поголема фокусираност за време на наставата, што претставува главна цел на поставувањето на организаторите и донесувањето на “Правилникот за користење на мобилните уреди за време на часовите” од страна на наставничките и родителските совети на самите училишта.

Со оваа активност и нашата држава се позиционира на светската мапа на држави кои ја ограничуваат употребата на мобилните телефони за време на училишните часови. Всушност Општина Карпош ќе биде првата локална самоуправа во која започнува ограничената употреба на мобилните телефони и другите електронски уреди во текот на наставата, во сите десет основни училишта.

Ваквата одлука на општината ја донесе како дел од проектот “Вклучи внимание” реализиран од Здружението Ајнштајн. Во изминатиот период, овој проект беше пилотиран во десетте основни училишта во Карпош, при што се одржаа консултативни средби со ученици, наставници и родители, со цел да се осети пулсот на сите засегнати страни.

“Факт е дека проектот „на прва“ може нема да им се допадне на учениците, но токму нивниот интерес најмногу се заштитува. Да се вклучи внимание, а не Facebook и Instagram за време на часовите. Од друга страна, сметам дека ова ќе ги мотивира и наставниците да бидат покреативни во своите предавања, за да го одржуваат вниманието на учениците. Значи 45 минути учениците нема да бидат active на социјалните мрежи, на Интернет, но потоа ќе си заштедат од слободното време и ќе им треба помал временски период за да совладаат одредена лекција или слично. Затоа што најдобро се учи кога се следи наставата” посочи градоначалникот на Општина Карпош Г-дин Стефан Богоев.

Влијанието на брзо напреднатата технологија врз развојот на децата, бележи големи нарушувања во однос на когнитивните, комуникациските, социјалните функции и моторната активност кај децата како и однесувањето на детето. Последиците на сите овие нарушувања се согледуваат во здравствениот и образовниот систем, аутистичен спектар на нарушувања, доцнење во развојот, неразбирлив говор, тешкотии во учењето, нарушувања во обработката на сензорните информации и стимулации, анксиозност, депресија и нарушувања во спиењето.

Имајќи ги сите овие последици на ум потребно е да се согледаат ризик факторите и да се создаде ефикасна стратегија за здраво детство.

Последиците од прекумерното користење на современите технологии особено на паметните телефони најчесто се согледуваат во училиштата. Учениците се повеќе и повеќе стануваат зависници од социјалните мрежи преку своите паметни телефони, а резултатот на тоа се намаленото внимание, намалената дисциплина како и намалување на општиот ученички успех. Во развиените држави, но и во земјите од соседството веќе се применуваат мерки за забарана за користење на мобилните телефони во училиште кои покажуваат позитивни резултати.

Сакаме да изразиме голема благодарност до донаторот Европската унија, како и до дополнителните поддржувачи на истиот компанијата “Арс Ламина”  и Општината Карпош кои ја препознаа нашата иницијатива за ограничена употреба на мобилните телефони за време на наставата.

,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,

Проектот “Вклучи внимание” е поддржан од Проектот “Правна помош, застапување, одржливост и поддршка на граѓански организации” реализиран од Младинското здружение на млади правници, а финансиран од Европската Унија.

Pin It on Pinterest