Каква поука ќе извелечеме од онлајн насилството на „Телеграм“?

Оваа статија е преземена од порталот stopdezinformacii.mk

Насилството во онлајн просторот е најрастечката форма на насилство којашто дневно се зголемува со порастот на употребата на медиумите од страна на младите. Последиците од насилството во онлајн просторот по менталното здравје и безбедноста на учениците се сериозни и во некои случаи трајни. Недовербата којашто младите ја имаат во своите професори, полицијата и институциите само го става под тепих овој проблем. Зборувањето за темите поврзани со насилството на интернет треба да почне во училницата, а училишните психолози и стручните служби треба да се сензибилизираат за третман на ваквите случаи. Улогата на медиумската едукација во училницата ќе биде и меѓудругото да ги превенира појавите на насилство на интернет меѓу младите.

Насилството во онлајн просторот е една од посериозните форми на насилство што расте пропорционално со развојот на технологиите и појавата на новите апликации за поврзување. Најзагрижувачкиот проблем што се врзува со оваа форма на насилство е тоа што сѐ уште не е препознаена како подеднакво важна форма на насилство во превентивниот третман во процесот на едукација.

Насилството меѓу врсниците во онлајн просторот може да донесе трајни последици во понатамошниот развој на учениците. Децата што се предмет на сајбер насилство се под ризик дека ќе ги восприемат навредите и понижувачките коментари што ги добиле јавно или во приватна порака како нешто што ќе го носат понатаму во својот живот. Учениците, а особено ученичките кои се уценувани со компромитирачки фотографии од нивни партнери се под двоен ризик дека ќе развијат стрес или анксиозност. Најтешката помисла со која живеат жртвите на сајбер насилството е стравот дека нивниот случај може да се препрати на повеќе луѓе или најстрашно, да биде објавен пред очите на сите. На овој начин и насилниците ги држат жртвите замолчени.

Средношколци споделуваат компромитирачки материјали на мрежата „Телеграм“

Изминиатиот викенд се откри случај на веќе разработена група на мрежата „Телеграм“ каде што средношколци испраќаат фотографии и видео материјали со експлицитна содржина и ги поврзуваат со девојки и жени. Овој случај дополнително укажува на тоа дека жртвите на сајбер насилство се најчесто жени и девојчиња. Профилот на насилник во онлајн просторот, според истражувањата е дека најчесто насилникот е машко, близок до жртвата, на иста возраст и којшто врши насилство поради шега.

Извор: Анализа на врсничко насилство на интернет кај средношколци, МОФ

Во комуникацијата којашто е одржувана во оваа затворена група на мрежата „Телеграм“ се забележуваат и користење на фотографии од лични профили од Инстраграм на жени и девојчиња што укажува и на нарушување на нивната приватноста. Од друга страна, оние коишто ги шират ваквите фотографии или порнографски материјали најчесто се со скриени броеви, лажни кориснички имиња и фотографии. Ова е најизразената карактеристика на сајбер насилството- неговиот интензитет најмногу се зголемува кога профилите коишто го вршат ваквото насилство се анонимни.

Медиумската едукација како превентивна мерка за намалување на сајбер насилство

Најзагрижувачки е тоа што истражувањата, но и искуствата од праксата кажуваат дека во случаи на појава на насилство во онлјан просторот младите најпрво би побарале помош од своите пријатели, а на последно место се професорите, полицијата или народниот правобранител што само ја илустрира недовербата што младите ја имаат во инстутициите.

Професорите, педагозите и психолозите кои работат со нашите млади се соочуваат можеби со една од најголемите дистанци од своите ученици досега, бидејќи не можат директно да ги разберат последиците што може да се појават од насилството во онлајн просторот. Училницата денес се перцепира како безбедна само доколку отсуствува видлива форма на физичко насилство. Неможноста да се во тек со она што се смета за медиумски тренд меѓу младите ги оддалечува едукаторите од младите и оттука веројатно и доаѓа колебливоста на учениците да им се доверат за вакви проблеми. Дополнително, затвореноста на нашиот образовен систем да зборува за насилството, сајбер насилството и родовото базирано насилство во контекст на медиумската едукација допринесува кон тоа нашиот образовен систем да создава насилници во онлајн просторот.

Затоа треба да сме конзистентни во определбата дека местото на медиумската едукација е и во формалното образование. Едукаторите и стручните служби ќе треба да разберат дека медиумската едукација се разликува од стандардните и нормативни начини на едуцирање. Медиумската едукација подразбира процес во кој и професорите учат од своите ученици и се отворени за надградба преку искуствата на своите ученици со медиумите. Само на овој начин тие ќе може да им дадат до знаење на своите ученици дека се отворени да ги разберат и оние искуства со користење на медиумите што се непријатни, што им штетат и им отвораат трајни рани на нивната личност.

Медиумската едукација подразбира и отворање на разговори за теми коишто се актуелни и кога тие се непријатни. Во таа насока, се надевам дека уште од денеска професорите и училишните психолози ќе отворат дискусии на своите часови за случајот „Телеграм“ од повеќе перспективи меѓу кои и одговорно користење на медиумите, разговори за сајбер насилството, траума којашто жртвите ја доживуваат низ сајбер насилството и особено штетните импликации на токсичната машкост коишто се јавуваат како суштина на овој проблем.

Автор: Ангел Димитриевски е магистер по медиумска едукација при програмата за медиумска едукација на Универзитетот Тампере во Финска. Ангел работи како младински работник во Здружението за едукативен развој „Еквалис“ на младински програми со фокус на медиумите, врсничкото насилството, родовата еднаквост и сексуалноста.

Pin It on Pinterest