Експерт по психологија од „Стенфорд“: Најголемата грешка на родителите е што не ги учат децата на оваа вештина

Како родители, сакаме нашите деца да пораснат во паметни и фокусирани луѓе, особено во свет каде што дигиталното одвлекување на вниманието е неизбежно.

Зошто? Бидејќи во иднина ќе постојат два вида луѓе: оние што дозволуваат нивното внимание и живот да бидат контролирани и присилени од другите и оние што гордо можат да се наречат луѓе на кои не може да им биде одвлечено вниманието.

Ова е најважната вештина на 21 век – и е вештина на која многу родители не успеваат да ги научат своите деца. По долгогодишно проучување на раскрсницата на психологијата, технологијата и начинот на кој се впуштаме во неа, една од најголемите грешки што гледам дека родителите ги прават е тоа што не им даваат право на децата на автономија за контролирање на своето време.

Доколку им го дозволат ова, тие ќе им дадат огромен подарок; дури и ако одвреме-навреме не успеат, неуспехот е дел од процесот на учење. Родителите треба да разберат дека е во ред да им дадат одговорност на децата бидејќи тоа е единствениот начин тие да вежбаат да го следат сопственото однесување и да научат како да менаџираат со нивното време и внимание.

Научете ги уште на мала возраст

Кога ќерка ми имаше пет години и веќе инсистираше за време поминато пред „ајпадот“ со непрестајни протести, мојата сопруга и јас знаевме дека мора да дејствуваме.

Откако сите се смиривме, дадовме сè од себе за да ги почитуваме нејзините потреби на начин кој го препорачува Ричард Рајан, еден од најцитираните истражувачи на светот: ѝ објаснивме, на наједноставен начин дека премногу време поминато пред екран доаѓа по цена на други работи.

Како дете од претшколска возраст, таа учеше да го кажува времето, па ѝ објаснивме дека постојат многу работи во кои може да ужива наместо во „ајпадот“. Поминувањето премногу време со апликации и видеа значи помалку време да си игра со другарчињата во паркот, помалку време да плива во базенот или помалку време да биде со мама и тато.

Исто така, ѝ објаснивме дека апликациите и видеата на „ајпадот“ се направени од некои од најпаметните луѓе и намерно дизајнирани луѓето да бидат зависни и редовно да гледаат.

Важно е нашите деца да ги разберат мотивите на компаниите за игри и социјалните мрежи: додека овие производи ни продаваат забава и поврзување, тие исто така профитираат од нашето време и внимание.

Можеби ова се чини како тешко за да го разбере петгодишно дете, но чувствуваме силна потреба да ја опремиме со можноста да донесува одлуки за нејзиното користење на „ајпадот“ и да спроведе сопствени правила.

На децата им е потребна доволна количина на автономија

Потоа ја прашавме колку време пред екранот дневно мисли дека е добро за неа. Ризикувавме со тоа што ѝ дадовме автономија да донесе одлука сама за себе, но вредеше.

Искрено, очекував да каже: „Цел ден!“, но не кажа. Наместо тоа, вооружена со логиката зад тоа зошто ограничувањето на времето пред екран е важно и со слободата да одлучува за себе, таа остроумно побара „две претстави“. Две епизоди од програми на „Нетфликс“ соодветни за деца се околу 45 минути, ѝ реков.

– Дали 45 минути е доволно време пред екранот? – ја прашав искрено. Таа кимна со главата и можев да почувствувам дека си мисли дека постигнала одличен договор. Што се однесува до мене, 45 минути беа во ред, бидејќи ѝ остануваше многу време за другите активности.

– Како планираш да откриеш дека не гледаш повеќе од 45 минути на ден? – ја прашав. Не сакајќи да ги изгуби преговорите за кои јасно чувствуваше дека победи, таа предложи да користи тајмер за кујна што може да го намести сама.

– Звучи добро. Но ако мама и тато забележат дека не можеш да го одржиш ветувањето што си го даде себеси и нам, сите ќе мора повторно да ја преиспитаме дискусијата – реков јас и таа се согласи.

Денес, како 10-годишна, мојата ќерка и понатаму е задолжена за нејзиното време поминато пред екранот. Таа направи неколку приспособувања на нејзините упатства како што растеше, на пример, замена на епизодите за филмски викенд. Исто така, го замени тајмерот од кујната со други алатки; сега ѝ вели на Алекса од „Амазон“ да постави тајмер за да ја извести кога ќе ја достигне границата.

Важно е дека тоа се нејзини правила, поставени од неа, а не од нас, и дека таа е одговорна за нивното спроведување. Најдобро од сè, кога ќе ѝ заврши времето, нејзиниот татко не мора да биде лошиот и да ѝ вели дека е доволно, нејзиниот уред ѝ вели дека е доволно.

Без да го сфати тоа, таа влезе во предобврска што вклучува зголемување на потребниот напор за да го изврши непожелното дејство.

Овој вид на предобврска може да ни помогне да станеме личности на кои не им се одвлекува лесно вниманието. Многу родители сакаат да знаат дали постои одредено време што треба да им се дозволи на децата да го поминуваат пред екран, но таква бројка не постои. Има премногу фактори во игра, вклучително и специфичните потреби на детето, она што детето го прави на интернет и активностите што ги заменува времето поминато пред екран.

Најважно е да го вклучите детето во разговорот и да му помогнете да постави свои правила. Кога родителите наметнуваат ограничување без детето да придонесе, тие предизвикуваат децата да ги мразат правилата и ги мотивираат да го измамат системот.

Овие стратегии не се гаранција за хармонија меѓу детето и родителот. Всушност, треба да очекуваме да имаме жестоки дискусии за улогата што технологијата ја игра во нашите домови и во животот на нашите деца, исто како што многу семејства имаат жестоки дебати за давањето клучеви од автомобилот на нивните тинејџери во сабота навечер.

Дискусиите и понекогаш несогласувањата се знак за здраво семејство.

Единствено кога децата можат да го следат сопственото однесување, тие ги учат вештините што им се потребни за да не им се одвлекува вниманието – дури и кога нивните родители не се наоколу.

Ако постои една лекција, тоа е дека одвлекувањето на вниманието е проблем како и секој друг. Без разлика дали тоа е голема корпорација или мало семејство, кога дискутираме за проблемите отворено во средина во која се чувствуваме безбедно и поддржано, заедно можеме да ги решиме.

Едно е сигурно: технологијата станува сè поприсутна и поубедлива. Освен што е важно нашите деца да се свесни дека производите се дизајнирани за да бидат привлечни, ние треба и да ја зајакнеме вербата на децата во сопствената моќ за да го надминат одвлекувањето на вниманието. Нивна одговорност е, а и нивно право да го користат своето време на мудар начин.

Автор: Нир Ејал

Оваа статија е преземена од порталот deca.mk

Pin It on Pinterest