М-р Хаџиванова: Децата стануваат се позависни од своите мобилни телефони

Сведоци сме на огромниот подем кој го доживува технологијата, особено персоналните уреди како мобилните телефони таблетите и слично. За жал со ваквиот развој на технологијата се повеќе се поставува прашањето дали нашите деца стануваат зависници од овој тип на технологија? Се уште е многу рано за вистински да можат да се донесат заклучоци за тоа како паметните телефони влијаат врз психолошкиот развој на децата, но дефинитивно е тема на која што сите ние треба да внимаваме. Токму на оваа тема разговараме со психологот М-р Ивана Хаџиванова.

Дали сметате дека децата стануваат зависни од своите мобилните телефони?

Да, за жал, децата стануваат зависни, и не само тие туку и возрасните. Станува збор за еден загрижувачки и многу распространет глобален феномен  кој ги опфаќа сите возрасти, и кој всушност е компулсивна и неконтролирана употреба општо на технологијата,  вклучувајќи го користењето на интернетот и играњето игри. Алармирачката и голема распростанетост на ова адиктивно однесување, доведе до тоа да има најава за впишување на зависноста од технологијата  во следната единаесетта ревизија на меѓународна класификација на болести. Научници и многу земји во светот, веќе го детектираат и алармираат за овој здравствен проблем, а дел од нив отворија и клиники за третман на ваквиот тип на зависност.

Кои се првите знаци на зависност од паметните уреди кои родителите би требало да ги забележат, и кога е најсоодветно да побараат стручна помош?

Класичните знаци како и кај секоја зависност, се типични и за оваа, а тоа е неможноста да се прекине употребата, иако истата веќе негативно интерферира во секојдневниот живот и релациите, притоа континуирано зголемувајќи го степенот на  толеранцијата. Тоа во случајов значи се поголема употреба и време на користење на уредите. Еден од првите знаци кои родителот го забележува е и дека детето нема контрола врз употребата на технологијата, и имаат тешкотија во тоа да направат прекин, и покрај острите  забелешки. Фокусот кон телефонот и таблетот се толку големи, што губењето на интересот за сите останати активности е очигледен и ништо друго не го возбудува и не му буди љубопитност. Главна тема за размислување на детето е он лајн играта или можеби јутуберот, а од тоа следи намалување на социјализацијата и играта надвор, односно повлекување. Се следи и запоставување на домашните и училишните одговорности, а комуникацијата со семејните членови се повеќе се намалува. Опсесивното размислување и интерес кај детето дури се провлекува и за време на оброците или на средина на разговор, односно за време на сите останати семејни активности. Тие често знаат и скришно да ги користат телефоните пред заспивање и покрај родителската забрана.

Забележително е дека и задоволството е големо кога детето користи било каков уред, расположението е покачено, а доколку му се одземе, следи бурна и интензивна реакција на агресивно лутење, негодување, пркос, опоненција, уценување и симптоми на невроза, односно  анксиозност како резултат на наглото прекинување на секојдневното задоволство и рутина. Плач и бес, па дури до степен на тантруми со фрлање на подот е типичен за помалите деца. Реакцијата при одземање на адиктивниот предмет е јасен индикатор за веќе настанат проблем во користењето и симптом на зависничко однесување. Колку е поголем степенот на незадоволство, толку е поголем степенот на зависност од уредот.

Стручна помош треба да се побара веднаш штом родителот ќе забележи некакви знаци, а нема да умее да се справи со нив самиот. Во однос на најмалите деца, веднаш штом се забележи некакво развојно отстапување, доцнење и неадекватно или нетипично однесување за возраста.

Човековиот мозок реагира на технологијата исто како што реагира на други супстанции кои предизвикуваат зависност. Таа влијае на тоа да се продуцира невротрансмитерот допамин во мозокот, како “награда” за активноста, по која има интензивна потреба да се повтори тоа што веќе предизвикало убави чувства и задоволство, и тоа се во поголема мера. Од тие причини треба многу да се внимава.

Колку често родителите кои се свесни за прекумерната употреба на современите технологии од страна на децата бараат стручна помош од психолог и што ги советувате?

Почесто од минатите години, но  сеуште не доволно. Морам да нагласам дека често минува доста време, пред да се побара стручна помош, а од друга страна факторот време е круцијален кога станува збор за деца од претшколска возраст во период на најинтензивен раст и развој. Прогностички е важна раната, соодветна интервенција и третман.

Свесноста сметам дека полека се зголемува, но простор за работа на ова поле имаме сеуште премногу! Во контекст на ова, сметам дека непрестано треба да се работи на превенцијата на негативните аспекти и зависноста од технологија, а да се промовираат и вршат едукации за тоа што значи балансирана употреба и корист од истата.

Од тие причини, посветувам особено внимание на психо-едукација на родителите, тие се всушност првиот пример за идентификација и имитација на однесувањето за децата. Тие мора да ги постават границите без попустливост по однос на ова прашање и да имаат нивна усогласеност во ставот. Одговорноста е кај возрасните, и свесноста за ризиците мора да ја има секој родител.

Во однос на децата, доколку веќе станува збор за зависност, постепено, не нагло да се намалува користењето, а се повеќе да се дава структура на денот и да се исполнува со активности и внимание кон детето. Семејното време треба да е интересно, забавно и исполнето со игра и активности. Задолжително препорачувам спортски активности во текот на целата недела, секако и игра, како во домот, така и надвор. Препорачувам и читање книги, кое може да биде вечерен ритуал, кој носи бенефити и стимулација на развојот на детето. Препорачливо е да се прават разни активности во кои е јасна дистинкцијата на почеток, средина и крај. Во домот е пожелно да има место каде ќе се чуваат уреди, да има семејни правила врзани за нивна употреба кои сите ќе ги почитуваат. Родителот треба добро да му ги објасни негативните последици, но и корисноста на технологијата, и да го научи детето на позитивната балансирана употреба. Фокусот треба да е на квалитетот на содржината, на можноста за интеракција и социо-емоционално учење, поттик на радоста при учењето, развој на мотивација и креативност и тн.

Која е според вас е најсоодветната возраст на која што на детето треба да му се овозможи да користи мобилен телефон или таблет?

Истражувања велат дека дете до 2 години не смее да користи таблети и телефони. Додека, децата од 3-5 години пак може да користат технологија само половина час во текот на денот, а оние од 6-18 години два часа во текот на денот. Реалноста е дека децата минуваат време 3-4 пати повеќе од препорачливото време и тоа е загрижувачки. Сведоци сме дека голем број родители им се случува да му дадат таблет или смартфон на мало дете, само за да го држат мирно некое време, особено при хранењето. Кога тоа почнува да се случува секојдневно, полека почнува да преминува и во навика.

Мојот став е дека користењето на таблет и телефон, треба да се одложи колку што може и повеќе од две години! До 5-6тата година е најважниот период на интензивен развој во кој се формираат мозочните синапси, а претераната употреба на технологијата негативно влијае да тој процес се одвива во својот полн потенцијал. Детето треба да научи и да се самостимулира, а има и огромен број начини на стимулација на развојот со активности кои родителите може да ги користат, а се посоодветни, покорисни и немаат негативни последици.

Логопедите упатуваат на фактот дека поради присуството на телефоните кај малите деца истите се соочуваат со задоцнет говор, специјалните едукатори велат дека поради се поголемата употреба на современите технологии кај децата заостанува психо-моторниот развој, што сметате вие како психолог?

Се согласувам со нив, го забележувам истото. Всушност и секојдневно соработуваме, бидејќи овој проблем често бара и интердисциплинарно решавање и третман, бидејќи последиците се сериозни и во повеќе аспекти од развојот. Дисхармонијата во развојот е веќе честа појава кај моите драги, најмлади клиенти. Пристапот покрај индивидуалниот третман на децата, задолжително опфаќа и семеен-системски психотераписки третман и сесии, како и за сите проблематики кога станува збор за деца.

Праксата, како и многу студии докажуваат линкови помеѓу претераната употреба на технологија со развојни отстапувања и потешкотии на повеќе аспекти од детскиот развој. Се забележува доцнење и говорни потешкотии како резултат на молчењето додека се користат таблетите и телефоните, и неразвиени комуникативни и социјални вештини како резултат на изолацијата и запоставување на играта на улица и дружењето со директен контакт. Ова влијае на задржување на ниска самодоверба и можеби дури и развој на социјална анксиозност. Настануваат негативни промени и растроеност во спиењето и сонот, тоа е временски скратено, и може да е испрекинато до ниво на несоница. Забележливо е покачување на телесната тежина, а со тоа и влошување на физичката кондиција и здравје како резултат на пасивноста, недостиг на спортски активности и бенефитите од играта и активностите надвор. Следствено на гојазноста, често следи и булингот односно негативните префрлања од врсниците, но и личното незадоволство и негативната слика за себе.

Често се забележува и доцнење во когнитивниот развој и сериозни последици по способноста за логичкото и аналитичко-синтетичкото мислење, се јавува недостаток на внимание, тешкотии во учењето, зголемена импулсивност и намалена способност за контрола на емоциите и однесувањето. Ограничените и нефизиолошки движења при користењето на технологијата може да резултираат со одложување на развојот и моторно-когнитивната интеграција која е круцијално да настане и да се стимулира уште од најраниот период до петата година. Поради ова, се забележуваат стагнации во моторниот развој, особено во фината моторика. Движењата на телото ги активираат мускулите и зглобовите и го стимулираат мозокот да ги реши проблемите во движењето, балансот и координацијата, и на тој начин ја зголемува способноста за учење и логично поврзување. Во голем процент се доведува во прашање и солидниот развој на  интелигенцијата. Во однос на емоционалниот аспект, емпатијата не се развива доволно,а типични се и потешкотии во препознавањето, контролата и експресијата на емоциите.

Кога како приоритет би го поставиле здравиот раст и развој на децата како психолошкото здравје, колку генерално современите технологии (телефони, таблети) претставуваат позитивна или негативна алатка за децата?

Треба да се прави разлика помеѓу корисна употреба, злоупотреба односно претерано користење, па се до зависност. Моето мислење е дека има огромни предности и бенефити од современите технологии кои многу аспекти од нашето живеење го подобруваат, олеснуваат и унапредуваат. Но, проблем настанува кога истите се даваат да се користат во несоодветна возраст или се користат претерано и во неконструктивни цели, или се користат во несоодветно време и место и стануваат дистрактор. Концизно да се изразам, може да бидат многу корисна алатка употребена за учење, развој, комуникација, работа и слично, но и многу негативна, злоупотребена, адиктивна и користена во негативни цели, која предизвикува и сериозни психолошки последици, особено кај децата.

Здружението Ајнштајн по примерот на голем број Европски држави моментално работи на иницијатива насочена кон ограничена употреба на мобилните телефони во училиштата, односно донесувањето на т.н одлуки на локално ниво за воведување на забрана за користење на мобилните телефони за време на училишните часови. Каков е вашиот став за ваквата иницијатва?

Ја поддржувам и почитувам вашата иницијатива! Сметам дека е неопходен и приоритетен чекор за кој не смее повеќе да се чека и треба да се имплементира и соодветно регулира низ училиштата во целата земја. Употребата на телефоните за време на наставата се голем дистрактор и пречка во воспитно-образовниот процес  кој го вршат  наставниците и професорите и мора да има правилник во однос на нивното користење. Сметам дека е недозволиво додека професорот предава, ученик да скрола по социјални мрежи и ништо да не слуша. Но, морам да нагласам и дека исклучок секако би било настава во која конструктивно, под контрола и програма од професорот и училиштето би можело да се користат истите, но во исклучиво позитивен, едукативен и истражувачки аспект и форма.

М-р Ивана Хаџиванова

Психолог, Психотерапевт

Основач на НЕОКОРТЕКС – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација

ФБ:Гешталт психотерапија – Gestalt  Psychotherapy

Контакт: 075 273 768

Фотографија: Мартин Трајановски

,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,,

Ова интервју е реализирано преку проектот “Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести”, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, со финансиска поддршка од Европската Унија.

Содржината на интевјуто е единствена одговорност на авторот и на Здружението за дислексија АЈНШТАЈН Скопје, и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Интевјуто е подготвено во соработка со НЕОКОРТЕКС – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација.

Pin It on Pinterest