„Џокер“ ѝ се „насмеа“ на регулативата за заштита на нашите деца

Државните институции во Македонија понекогаш носат регулатива само колку да се запази редот и без да воспостават механизми за нејзино спроведување. Тоа го покажа нашето истражување откако го гледавме играниот филм „Џокер“ во скопското кино „Синеплекс“ кој согласно правилата влегува во четврта категорија (16+), што означува дека филмот не е за публика под границата од шеснаесет години. Сепак, на проекцијата присуствуваа и деца кои очигледно беа под оваа граница. Филмот се прикажуваше и во киното „Милениум“, но во меѓувреме беше тргнат од репертоарот.

Кога појдовме во „Синеплекс“ во средината на октомври на проекција на филмот од 17 часот и 40 минути при купувањето билети и при влезот во салата никој никого не праша колку години има иако на рекламниот материјал и секаде каде што е потребно уредно беше истакната категоризацијата на филмот. За ваквата практика одговори побаравме во постоечката регулатива, од Министерството за култура, од „Синеплекс“ и од психолози.

Извор: Movieclip Trailers
Приказната за најпознатиот негативец од Готам Сити – „Џокер“ кој го игра феноменалниот Жоакин Феникс носи сосема поинаква димензија од сите досегашни остварувања од серијалот „Бетмен“.

Станува збор за ремек дело на режисерот Тод Филипс. Во него, „наивните тупаници“, брзото возење и летање и другите експлозивни филмски ефекти кои беа главни обележја на минатите филмови со „Бетмен“ се заменети со тешка социјална неправда која поттикнува душевна болка, полудување и сурово насилство, како и бунт против системот што заборава на најкревките поединци. Всушност, „Џокер“ е дело кое тежи како „Хамлет“ и токму затоа е несфатливо овој филм да биде достапен во кино салите и за деца.

Joker i se nasmea na regulativata za zastita na nasite deca 1

Според Правилникот од областа на филмската дејност донесен во 2014 година филмовите се категоризираат во пет категории и тоа: прва категорија – филмови наменети за целата публика, втора категорија – филмови за кои се препорачува надзор од родител или старател, трета категорија – филмови што не се препорачуваат за деца под 12 години и за чие следење е неопходен надзор од родител или старател, четврта категорија – филмови што не се препорачуваат за млада публика под 16 години и петта категорија – филмови што не се препорачуваат за публика под 18 години.

„Во зависност од очекуваниот состав на публиката во објектите за  киноприкажување, односно за друга форма на јавно прикажување филмовите од четврта категорија – филмови кои не се препорачуваат за деца под 16 години – може да се прикажуваат во периодот од 18 до 22 часот“, пишува во правилникот.

Сепак, во „Синеплекс“ има проекции кои почнуваат пред 18 часот.

Joker i se nasmea na regulativata za zastita na nasite deca 2

На нашите прашања во однос на оваа тематика, од „Синеплекс“ велат дека ги почитуваат сите правила и регулативи за филмска дејност.

„Категоризацијата е обврска на дистрибутерот и како така одобрена од страна на регулаторните тела, „Синеплекс“ ги истакнува во целата своја комуникација и предупредува за истите, а дополнително се предупредуваат посетителите за категоризацијата и при продажбата на билетите. Во исто време, киноприкажувачот ниту смее да легитимира посетители, ниту да забрани влез на кое било лице.

„Синеплекс“ е во постојана комуникација со дистрибутерите и одговорните тела за филмска дејност на национално ниво, и сите препораки непречено ги имплементира во својата работа“, велат од „Синеплекс“.

Во Министерството за култура се согласуваат дека е потребна контрола на публиката при проекција на вакви филмови, но од одговорите на нашите прашања во однос на овој проблем евидентно  е  дека постоечката регулатива има сериозни недостатоци.

Од Секторот за управен и инспекциски надзор на Министерството за култура велат дека неспорно киноприкажувачот на филмот е должен, освен истакнувањето на категоризацијата на филмовите, а заради заштита на малолетните лица од филмови кои можат да наштетат на нивниот физички, психички или морален развој, да врши и контрола кој купува билети, како и дека треба да има механизам за контрола на возраста на публиката при проекции на филмовите како што е „Џокер“.

„Но, обврската за вршење контрола кој купува билети и воспоставување соодветен механизам за контрола на возраста на публиката при проекции на филмовите од страна на  киноприкажувачот на филмот, не е уредена ниту со одредбите од постојниот Закон за филмската дејност, ниту со Правилникот  за начинот на каатегоризација на филмовите, за облиците на акустично и визуелно прикажување на категоријата на филмовите, и за  временските периоди во кои може да се прикажуваат филмовите  што можат штетно да влијаат врз физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите“, информираат од Министерството.

Во однос на нашето укажување дека „Синеплекс има проекции на филмот „Џокер“ кои почнуваат пред 18 часот иако според Правилникот, филмовите со категоризација 16+ треба да се прикажуваат по 18 часот од Министерството потврдуваат дека „Синеплекс“ врши повреда на Правилникот.

„Но конкретно за оваа повреда, со постојниот Закон за филмската дејност не е предвидена глоба или друга прекршочна мерка, како опомена“, додаваат оттаму.

Joker i se nasmea na regulativata za zastita na nasite deca 3

На прашањето дали се планирани инспекциски надзори околу прикажувањето на овој филм, оттаму информираат дека со месечниот план за работа на Секторот за управен и инспекциски надзор за ноември, 2019 година планирано е вршење на два вонредни инспекциски надзори (по службена должност во случај на сомневање на инспекторот за сторена повреда за конкретниот филм), кај ЈУ-Младински културен центар-Скопје (во чиишто рамки работи киното „Милениум“), и „Синеплекс“ од аспект на примена на членовите 40, 41 и 42 од Законот за филмската дејност и горецитираниот Правилник.

Во однос на прашањето што подразбира инспекцискиот надзор и какви се санкциите доколку се утврдат неправилности, од Министерството укажуваат дека е планирано надзорите да се извршат од аспект на примена на член 40 (достава на податоци до Агенцијата за филм), член 41 од Законот, според којшто дистрибутерот, односно киноприкажувачот на филмот, е должен заради заштита на малолетните лица од филмови кои можат да наштетат на нивниот морален, физички или психички развој, филмовите што се дистрибуираат за киноприкажување, односно за друга форма на јавно прикажување, задолжително да ги категоризиира соодветно на содржината на филмот и да преземе  други мерки согласно со овој закон, како и од аспект на примена на член 42 од истиот Закон, со којшто е регулирана дистрибуција, односно киноприкажување на странски филм во РСМ, односно задолжително преведување на македонски литературен јазик во согласност со закон.

Joker i se nasmea na regulativata za zastita na nasite deca 4

Со други зборови, станува збор за јалови инспекциски надзори бидејќи овие обврски очигледно беа уредно исполнети при проекцијата на „Џокер“. Уште поинтересно е што инспекцискиот надзор во киното „Милениум“ следува откако филмот е тргнат од репортоарот, а тоа лесно може да се случи и со „Синеплекс“ со оглед на тоа што филмот во ова кино игра од почетокот на октомври.

Докажана е врската меѓу гледање насилство и агресивно однесување

Според психологот Јорданка Черепналковска Трајкоска изложеноста на насилство во медиумите претставува значителен ризик за психолошката благосостојба и развој на децата. Нивниот мозок е сè уште во развој и поминува низ процес на учење, а ризикот да донесе незрели и неправилни одлуки е голем.

„И покрај тоа што основните причини за агресивно однесување најчесто се наоѓаат во семејното опкружување, во врсниците, а особено во социјалните и економските услови, сепак медиумите ја имаат главната улога во развојот на културолошките ориентации, верувањата и погледите врз светот, како и врз глобалната дистрибуираност на вредностите и (често стереотипизираните) слики. Тие не само што претставуваат огледало на културните трендови, туку може и да ги ги канализираат нив, а понекогаш може да претставуваат и директни средства на меѓугрупно насилство и воена пропаганда. Илјадници истражувања го покажале ризикот од медиумското насилство да стимулира агресија“, вели Черепналковска Трајкоска..

Таа додава дека постојат огромен број лонгитудинални и експериментални истражувања за ова прашање и потврдено е дека постои врска меѓу гледањето насилство на ТВ и агресивното однесување (Амриканската психолошка асоцијација – APA, 1993).

„Исто така спроведени се огромен број истражувања за поврзаноста на изложеноста на насилството на екраните со проблемите во различни домени на социјалното однесување. На пример, може да придонесе кон тоа луѓето да бидат поуплашени од светот околу нив или пак поспремно да го прифаќаат насилното однесување во реалниот живот. Во поскоро време голем дел од интересот на истражувањата е околу тоа кои вредности и кои ставови може да се поттикнуваат преку изложеноста на некои видови медиумски содржини, особено насилството во филмовите“, вели Черепналковска Трајкоска.

Таа укажува дека насилството во медиумите може на неколку начини да влијае врз социјалното однесување.

Joker i se nasmea na regulativata za zastita na nasite deca 5

„Прво, насилството на ТВ дава можност децата да складираат во својата меморија оригинални агресивни сценарија. Второ, насилството на ТВ може да влијае врз однесувањето така што ги менува ставовите или емоционалниот одговор на човекот кон насилството. Трето, може да го стимулира човекот, што на краток рок може да има сериозни последици, да преземе физички ризик. Образовните работници и истражувачите се особено загрижени за децата и младите, бидејќи нивните ставови, верувања, идеи или погледи на светот, како и социјалните вештини се развиваат и штотуку добиваат облик. Бидејќи децата и младите често се изложени на медиуми што го „глорифицираат” насилството, а овие млади гледачи сè уште се во активни развојни фази, со право се тврди дека постои врска меѓу честата изложеност на насилство во медиумите и последователното развивање на антисоцијално однесување“, вели Черепналковска Трајкоска.

Таа посочува дека родителското посредување е ефективен систем за намалување на ефектите од медиумите.

„Што значи тоа? Значи дека заедничкото гледање на филмовите, дискутирањето за филмовите и следењето на изборите што ги прават нивните деца во однос на филмовите што ги гледаат претставуваат успешни начини или средства за посредување на штетните или опасните ефекти од гледањето насилни медиумски содржини. За жал праксата како и резултатите од многу истражувања покажуваат дека најголемиот дел од родителите не се активно вклучени во навиките на гледање на филмови кај нивните деца и адолесцентни момчиња што придонесува кон тоа штетните ефекти да бидат поприсутни“, завршува Черепналковска Трајкоска.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии, и истата е преземена од порталот samoprasaj.mk

Новинар: Владимир Николоски

Pin It on Pinterest