Дали учениците и наставниците треба да бидат пријатели на Фејсбук?

Понуда од класната – Ако прифатам, ќе види што пишувам. Ако одбијам ќе ми се налути, се двоуми еден средношколец.

Социјалната мрежа Фејсбук создаде пријателства меѓу луѓе кои во вистинскиот живот никогаш не се сретнале, па не е ни чудно кога наставник ќе побара пријателство од ученик или ученик од наставник.

– На син ми му беше многу непријатно кога доби барање за пријателство од својата класна.

– Исусе, па што да правам сега? Ако прифатам ќе види што пишувам, ако не прифатам ќе ми се налути – се двоумеше син ми.

На децата тоа не им се допаѓа бидејќи тоа го доживуваат како еден вид контрола и притисок. Јас не се мешав. Сите деца во повисоките одделенија од основното училиште имаат Фејсбук, и наставниците од една страна за таквото дружење им зборуваат негативно, а од друга страна им испраќаат покани за пријателства. Тоа ги збунува децата – коментира мајката.

Само поранешни ученици

Барање за пријателство од своите професори доби и ќерката студентка, еден го прифатила, а друг го игнорирала.

– Повозрасните деца тоа полесно го решаваат, тие имаат некои свои критериуми и реагираат според нив – вели мајката и потенцира дека смета дека наставниците не треба да ги додаваат своите ученици на Фејсбук за пријатели. – Немаат таму што да бараат, едноставно не е простор за нивна комуникација.

Поранешниот претседател на Здружението Наставници организирано, Далибор Перковиќ се чуди на поплаките од родителите, бидејќи почесто учениците им испраќаат покани за пријателство на наставниците.

– Некои наставници отворија профили кои се наменети само за ученици, други ги одбиваат, секој се однесува како што смета дека треба. Јас за пријатели ги прифаќам само поранешните ученици. Не можам да ги коментирам постапките на другите, можам само за себе да кажам дека никогаш на свој ученик не би испратил барање за пријателство на Фејсбук – тврди Перковиќ.

Миљенко Хајдаровиќ со години работи како професор по историја, политика и социологија во средно училиште во Чаковац, а во наставата користи интернет па и социјалните мрежи, за на учениците да им го олесни учењето и да им го направи интересно.

Барем еден профил

– Сметам дека интернетот има потенцијал за неформално учење и дека наставниците мора да ја искористат можноста преку Фејсбук. Многу ученици веќе од основно училиште имаат барем еден профил на Фејсбук. Ако наставниците на Фејсбук се однесуваат професионално, тогаш можат да го користат за образование. Важно е јасно да се одредат норми на однесување, бидејќи за жал, се почесто има случаи на анонимни и злонамерни пријави на полиција или на просветната инспекција – вели Хајдаровиќ.

Дека учениците и наставниците не смеат да бидат пријатели на Фејсбук смета и универзитетската професорка Мирјана Назор. Под поимот пријателство, вели, денес се сметаат сите односи во кои мора да постои разбирање, уважување, почит и доза на толеранција. Виртуелните пријателства меѓу наставници и ученици, посебно ако наставникот го направи првиот чекор, не ги прифаќа.

– Тоа е многу многу проблематично и се прашувам кои се мотивите. Еднакво е проблематично и опасно во која било  возраст на децата, од основните училишта па се до факултет. На наставничките совети треба да се зборува за таа појава, која не мора нужно да биде лоша, но може лошо да заврши – вели М. Назор, додавајќи дека ни родителите не треба да бидат пријатели на Фејсбук со своите деца.

Анкета – многу ученици сакаат ФБ дружење со наставниците

Во две интернетски анкети кои ги спроведе М. Хајдаровиќ за ФБ пријателство меѓу наставници и ученици, учествуваа 233 наставници и 253 ученици од средните училишта. Од испитаните наставници 97 отсто имаат профил на Фејсбук, а 89 отсто сметаат дека поради таквата комуникација со учениците нема да имаат проблеми. Од испитаните ученици повеќе од половина пријатели ги имаат своите наставници. Во образовни цели со учениците на Фејсбук комуницираат 70 отсто наставници, а 57 отсто ученици сметаат дека пријателството со наставниците е добро. Интересно е дека 63 отсто ученици сметаат дека наставникот не треба да реагира ако ученикот објави непримерна содржина.

Pin It on Pinterest