Бранка Бугариска: Фрапантна е брзината на опаѓање на читачките навики

Кога зборуваме за брзиот развој на технологијата несомнено треба да размислиме и за читањето како вештина, но и за читачките навики кај децата. Секојдневно гледаме деца кои се постојано со своите мобилни телефони, лаптопи и таблети пред себе. За тоа колку ваквите технолошки уреди влијаат врз читачките вештини разговаравме со Бранка Бугариска Директорка на издаваштво во Арс Ламина.

Колку се променети читачките навики кај учениците во последните пет-шест години?

Многу. Фрапантна е брзината на опаѓање на читачките навики, читачките вештини и воопшто интересот за читање кај денешните деца. Особено во последните неколку години, кога технологијата станува сѐ поприсутна во секојдневието на децата, дури и од нивна најмала возраст. Ова го покажуваат низа истражувања направени во светот во последно време, но доволно е да направиме споредба со она колку ние како генерација сме читале како деца или пред само неколку години, а колку читаат денешните деца.

Сметате ли дека технологиите влијаат врз читачките навики и писменоста кај учениците?

Од една страна, технологијата за децата претставува корисна алатка во потрагата по информации и знаење, но од друга страна неретко создава и еден вид зависност (пред сѐ, од видеоигрите, видеата на платформите како „Јутјуб“ и социјалните мрежи итн.), бидејќи на тој начин на консументите (сите консументи – и децата и возрасните) им обезбедуваат брза и лесна возбуда преку дразбите на повеќе сетила истовремено. За да се добие истата возбуда преку читање книга треба многу повеќе време, посветеност и вложен труд, за што повеќето денешни деца немаат доволно трпение. Децата преку технологијата се навикнаа на брзи информации и инстант-возбуда без притоа да вложат минимум труд, стануваат пасивни и мрзливи. Концентрацијата им е намалена, немаат доволно фокус и вниманието им е сѐ пократкотрајно… Навикнати се на брзи резултати без вложен труд.

Но, би било неблагодарно да се „обвини“ само технологијата за намалените читачки навики и вештини и за општата писменост. Се разбира, влијаат и други фактори, на пример новите искривени општествени вредности, но и доцното описменување според наставните програми во нашиот образовен систем.

Дали токму развојот на погоре споменатата технологија влијае на продажбата на книгите?

Како што кажав и погоре – влијаат повеќе фактори. Иако, интересен е податокот дека наспроти очекувањата дека појавувањето на е-книгите и „Киндл“ пред неколку години ќе ја намали продажбата на печатените книги, искуството и бројките на светско ниво го покажаа токму спротивното – продажбата на печатени книги благо се зголеми.

Како вие, како „Арс Ламина“, ја комбинирате современата технологија со традиционалното читање книги?

Технологијата во нашето секојдневие е неизбежен факт, не можеме да го игнорираме нејзиното присуство и влијание. Не можеме (и не сакаме) да ја „забраниме“, но можеме мудро да ги искористиме нејзините предности. На пример, во нашите списанија за ученици „Мини Либи“ и „Либи“, од почетокот сметавме дека е важно да ги комбинираме читањето на хартија и на интернет. Затоа, низ страниците на списанието често можете да сретнете една „етикета“ на која пишува „Кликни ме!“ и која упатува на нашата интернет-страница „Libi.mk“. Таму младите читатели можат да ги продлабочат или да ги прошират знаењата од темата што ја читаат во списанието, да најдат повеќе информации, видео- и аудио-илустрации за темата што е од нивен интерес. Секако, овие содржини се внимателно одбрани и адаптирани и колку што е можно – контролирани. На сличен начин се обидуваме да ја „внесеме“ технологијата и во некои од книгите.

Според вас, кои се начините за да го зголемиме интересот кај децата за читање?

Прво и најважно е дека изданијата мораат да бидат модерни и привлечни, визуелно да одговараат на вкусовите на денешните деца (а не кога ние сме биле деца) и да обработуваат теми што им се ним блиски. Доколку „од прва“ ги заинтересираме, потоа имаме шанса да ги задржиме – со добра приказна, читлив текст и позитивна порака. Се разбира, важно е и јазикот да биде разбирлив и соодветен на возраста, а не е лошо книгата да вклучува и некаква интеракција. Секако, на крајот да не заборавиме дека книгата има задача не само да забавува туку и да едуцира, да им помогне на децата да го прошируваат својот вокабулар, да го збогатат своето изразување, да ја развиваат својата имагинација и креативност, да откриваат нови светови, да читаат со разбирање – што понатаму ќе им помогне подобро да се развиваат и во сите други области – математика, природни науки, логично резонирање итн.

Ние во „Арс Ламина“ сме навистина посветени да создаваме нови и модерни изданија наменети за денешните деца и драго ми е кога гледам дека полека но сигурно нашиот труд дава резултати – сѐ повеќе деца се враќаат во книжарниците и бараат уште.

Можете ли да им дадете некој совет на нашите читатели како да им помогнат на своите деца да ја намалат зависноста од современите технологии?

Најдобриот начин е да им се понудат други опции за возбуда освен технологија – повеќе време поминато надвор и повеќе книги дома. 😊

Нашата организација моментално спроведува проект преку којшто се лобира за воведување забрана од страна на локалната самоуправа за користење на мобилните телефони во училиштата. Каков е вашиот став во однос на ова прашање?

Сѐ додека телефоните во училиштата се користат само за приватни потреби или за забава (комуникација меѓу учениците или со родителите за време на часовите, праќање пораки, играње игри, гледање клипчиња итн.) – нивното присуство во училницата апсолутно може само да пречи, да одвлекува внимание и има исклучиво неповолно влијание. Но, доколку мобилните телефони се стават во функција на едукација (преку разни дидактички апликации, пристап до е-содржини и ресурси, вмрежување на класот и сл.) тие можат да бидат многу корисна алатка во училницата!

Фотографија: Мартин Трајановски

Pin It on Pinterest