Колумна: Денот кога 24 часа бев offline

Јас сум еден од многуте луѓе на оваа планета кои се зависници од интернетот ПРИЗНАВАМ. Општеството во целина последниве децении е навистина многу променето, а една од главните причини за тоа, убеден сум дека е токму алатката на 21виот век т.е интернетот. Создаден е пред се на сите нас да ни го олесни животот, и тоа е така тврдам со сигурност. Само замислете како ќе функциониравме да не постоеше интернетот. Сите сме свесни за благодатите кои ни ги нуди интернетот, но колку сме свесни и колку сакаме да размислуваме за штетните последици од истиот?

Говорот на омраза, педофилијата, сајбер булингот, насилството, зависност од социјални мрежи, задоцнет говор кај децата, зависност од порнографија и номофобијата се само едни од последиците кои негативно влијаат на општеството, а се резултат на интернетот и развојот на современите технологии.

Но да се вратам на поентата и да почнам од почеток, како напоменав на почеток признавам дека сум зависник од интернетот, а воедно и зависник од социјалните медиуми. Нашите животи се претворија во секојдневни предизвици, борба за егзистенција, постојани стресови и воедно анксиозноста речиси кај сите нас е многу поприсутна отколку порано. Веројатно ми дојде денот кога доживеав т.н “burn-out” што воедно во месец мај 2019 беше и вметнат како “occupational phenomenon” од страна на светската здравствена организација во меѓународната класификација на болести МКФ 11. Подолг период се чувствував навистина многу нервозно и веројатно дојде денот што би се кажало народски “ми преќипе од се”. Присуствував работно на еден важен настан кој не можев никако да го избегнам, голем дел од настанот бидејќи темата не ми беше од посебен интерес го поминав на мојот паметен телефон скролајки по тајмлајнот на фејсбук и инстаграм. Како настанот привршуваше така мое ниво на анксиозност се зголемуваше, си тргнав дома и од нигде никаде се решив да направам Switch off mobile data и switch off WI-FI,  едноставно не сакав никој да ме контактира непотребно ниту пак мозокот да си го полнам со многубројни непотребни информации кои многу често знаат да ме вознемират. Дома ручав и мислам дека за прв пат не го фатив мојот телефон во рака, на телевизија започна Српскиот квиз “Столици”. Водителот ги поставуваше прашањата, а јас се трудев да ги одговорам, но го знаев одговорот само на две прашања. Во околности кога интернетот на мојот телефон би бил вклучен инстантно ќе ги побарав одговорите на google. Во тој момент почнав да размислувам колку всушност сите ние сме зависни од оваа алатка и дека јас на овој пребарувач во текот на денот најмалку 10 пати пребарувам нешто. Прашањето е колку од пребарувањата сум ги запомнил, па би рекол дека отприлика 5% од пребарувањата сум ги запомнил, најверојатно тоа е така поради тоа што во секој момент можам на интернет да го пребарам истото, па зошто и би ги запомнил? Заклучив дека сите ние всушност ги “олељуваме” нашите мозоци благодарение односно потпирајќи се на google. Ме фати инат и си реков дека нема да го вклучам интернетот, бидејќи ако на некој навистина сум му потребен може да ме побара на телефон, а не преку интернет.  Си ги собрав работите и заминав сам во викендичката да одморам. Интернетот ми остана исклучен, бев малку како “мува без глава” бидејќи сигурно додека го пијам кафето во други околности би скролал на мојот мобилен телефон. Скролањето го заменив со читање на енциклопедија за градинарско уредување и научив неколку совети како да ги одгледувам лукчињата на цвеќињата по завршување на сезоната за цветање. Доколку не ја отворев книгата веројатно мојот мозок ќе беше наполнет со селфи фотографии и многу политика од фејсбук објавите на моите виртуелни пријатели. Поминаа речиси 6 часа без интернет, а многу пати добив нагон да го вклучам интернетот за да видам што се случува на инстаграм, но се воздржав. Пуштив филм и за прв пат после долго време сконцентрирано изгледав филм без разните нотификации од мобилниот телефон за ми го попречуваат мирот. Пред да легнам да спијам некаде околу 23 часот признавам се почувствував осамено бедејќи многу долго време си немав пишано со ниту еден пријател ниту пак видов какви сториња и фотографии се поставени на инстаграм. Бев решен дека ќе го прифатам предизвикот и ќе бидам исклучен од интернет 24 часа. После неколку години за прв пат кога легнував да спијам мобилните телефони ги оставив во дневна и не беа поставени веднаш до мојот кревет, бидејќи немав интернет и немаше што да гледам и скролам по социјалните медиуми. Се разбудив прилично свеж и си го подготвив утринското кафе, го отклучив мобилниот телефон и имав добиено само една СМС порака од пријателка која ме известува дека го променила својот мобилен број. Се решив кафето да го испијам во дворот заедно со кучињата кои обично наутро ги игнорирам затоа што кафето го пијам во дневната соба заедно со мобилниот телефон. По завршувањето со утринското кафе ја земав косилката и го искосив целиот тревник, па си подготвив доручек за време на доручекот читав списание кое случајно го најдов на масата. Сабота е, а  задолжително секоја сабота во 12 часот гледам Автомагазин, ја изгледав целата емисија без ниту еден автомобил да го изгуглам, и што се случи? Апсолутно ништо J  Полека се наближуваа 24 часа од кога последен пат бев онлајн, во овој период имав неколку пати потреба да го пуштам интернетот, но издржав и се фокусирав на многу покорисни работи отколку скролање на социјалните мрежи и гуглање на работи кои веројатно неколку минути по пребарувањето ќе ги заборавам. По долго време ова беа моите 24 часа поминати во мир без никакви нотификации од мојот мобилен телефон и без непотребни разговори и информации.  По поминувањето на 24те часа го пуштив интернетот на мојот телефон и нотификации пристигнуваа цели 5 минути без престан. Да ова се премногу нотификации и стимулации кои би ги примил мојот мозок во период од 24те часа кога решив да се исклучам од интернет.

Не сум психолог ,но верувам дека прекумерното користење на социјалните медиуми и интернетот значително се зголемува нивото на анксиозност и стрес кај сите нас.

Не би сакал да бидам погрешно сфатен, дека се залагам против интернетот или социјалните медиуми, само сакам да упатам порака дека сопствениот мир и благосостојба немаат цена и дека современите технологии треба да се користат умерено. На крај само ќе кажам немееме да дозволиме да бидеме робови на социјалните мрежи и интернетот.

Пишува: Дамјан Николовски

Pin It on Pinterest